Седлоски и Закариќ едногласни: Сакаме куп-трофеј со Вардар

Голем е оптимизмот во таборот на Вардар во пресрет на големото финале од Купот на Македонија, во кое „црвено-црните“ ќе се сретнат со Струга ТЛ (среда, 20 часот).

Одличните резултати во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона донесоа бегство од долниот дел на табелата, но и пласман во ова големо финале, во кое триумф значи кревање на значаен трофеј, но и учество во Конференциската лига на УЕФА наредната сезона.

Поради ова, мотивацијата е на највисоко ниво, тренерот Гоце Седлоски верува дека неговиот тим на крајот ќе стигне до победата, иако максимално го респектира противникот.

„Подготвени сме да го дадеме максимумот во финалето. Знаеме дека пред себе имаме незгоден ривал кој лани беше шампион на Македонија. Ние сме фокусирани само на самите себе. Толку време Вардар го чека ова финале, па ќе дадеме максимум на овој добар терен и со помош од публиката да ја оствариме целта оваа полусезона. Сакаме да продолжиме со добрите резултати од последните месеци и да го освоиме Купот, иако сме свесни дека нема да биде лесно. Ако играчите одиграат како во претходните шест месеци, се надевам дека трофејот ќе дојде во нашите витрини. Знаеме каде беше Вардар во првата полусезона, ама со макотрпна работа стигнавме до петтото место. Мислам дека го заслуживме тоа, а сакам да го заокружиме добриот ритам и утре. И ние, но и Струга го заслужуваме ова финале. Се надевам на добра игра, фер и коректно, во добро светло да се прикажеме и да се радуваме. Домашниот терен е предност, знаеме што значи Вардар во Македонија и сигурно ќе има доста публика во Скопје. Струга е квалитетен ривал и заслужува респект, ама мора да ја одработиме уште оваа средба во свој стил“, изјави Седлоски. 

Капитенот Горан Закариќ исто така со оптимизам говореше во пресрет на утрешниот финален натпревар.

„Чест и задоволство ми е што сум тука како капитен на Вардар. Би се сложил со тренерот Седлоски, 18 години минаа и имаме голема шанса да го вратиме трофејот во витрините на клубот. Мислам дека со помош на нашите навивачи ќе се избориме за таков успех. Се надевам дека ќе уживаме во овој натпревар, имаме доста одиграни средби со Струга. Овде сум од првиот ден на сезоната, имавме тежок период и секако дека имаше доста промени. Одработивме врвни припреми во јануари, а оваа низа без пораз заслужува респект, особено кон луѓето кои дојдоа подоцна и ги сменија работите. Покажавме пролетва кои сме и што сме, па мислам дека и утре ќе дадеме свој максимум за да стигнеме до успех“, истакна Закариќ.

Се вчитува...