Седлоски: Само седум дена сум со репрезентацијата, головите и офанзивата ќе дојдат….

ЕКИПА во Даблин, Р. Ирска

Владимир Булатовиќ

Македонскиот селектор Гоце Седлоски по мечот изрази задоволство од ремито со Ирска, ако се знае дека мечот дојде по еден болен пораз од Данска, а за Ирците по болна елиминација од Чешка.

„Со оглед на тоа што беше ова еден меч на поразените во полуфиналето, факт е дека беше еден тврд натпревар без многу возбудувања, без многу шанси и на двете страни. Ирците имаа само две добри шанси, успеавме да ги неутрализираме и затоа може да бидеме задоволни, и од едно вакво реми кое дојде по тежок психолошки меч со Данска“ – рече Седлоски на прес-конференцијата по мечот.

Но, иако можеби ги сведовме Ирците на само неколку шанси, факт е дека Македонија, исто така, не создаде ниту една посериозна шанса за гол, и покрај најавите за наш офанзивен фудбал, и со само еден шут кон голот на противниците.

„Седум дена сум само со репрезентацијата. Секако малку време за да се спроведат сите идеи. И секако најавив офанзивен фудбал, но мора да се знае и за типот на репрезентации против кои играме како Данска и Ирска. Головите ќе дојдат, и од јуни ќе мора да има освежувања на репрезентацијата“ – рече Седлоски.

Шанса добија повеќе фудбалери, а задоволен е од изданието на Фетаи…

„Дадов шанса на сите фудбалери, и секако сум задоволен од сите, но можам да бидам посебно задоволен од Фетаи кој ја оправда денеска довербата“ – истакна Седлоски.

Се вчитува...