Седлоски: Се држевме добро до првиот гол, Лозана не е тим што простува…

ЕКИПА во Лозана,

Горан Бошев

Големо е разочарувањето во таборот на Вардар откако македонскиот претставник претрпе убедлив пораз од 5-0 на реваншот против Лозана, што значеше и крај на европската авантура на „црвено-црните“ за оваа натпреварувачка сезона.

Тренерот Гоце Седлоски го претрпе првиот пораз по враќањето на кормилото на „вардарци“, на прес-конференцијата не го криеше разочарувањето од убедливиот пораз.

“Честитки за Лозана за пласманот понатаму. Доста тежок резултат за сите нас, за навивачите, за играчите, за стручниот штаб. До првиот гол стоевме добро, после тој прв гол се растуривме целосно, и тим како Лозана не простува, секоја шанса им беше гол, и им честитам уште еднаш. Дали тоа беше вештачката трева, или малку се залетавме после првиот резултат, тоа мора да го анализираме. Знаевме дека Лозана има врвни играчи кои знаат да ја користат секоја грешка. Ние завршивме во Европа, а на противникот му посакувам се најдобро“, истакна Седлоски на вечерашната прес-конференција.

„Одигравме еден сосема поинаков меч од оној во Скопје. Им кажав на полувреме да се стабилизираме, но цело време Лозана притискаше. И ние им дозволувавме да ни прават пресинг. Головите кои ги примивме ги предупредував и играчите да не прават такви грешки. Не се простуваат такви грешки во Европа. Требаше да дадеме гол при 1-0 за противникот, и потоа тргна машинеријата на Лозана“, анализираше стратегот на Вардар.

Фокусот на Вардар сега ќе биде ставен на домашниот шампионат каде по освоениот куп-трофеј пред неколку месеци, овојпат приоритет е борба за титулата.

„Ова беше еден вид награда за нас. Излеговме во Европа преку Купот, и сега се фокусираме кон првенството. Следува борба, докажување, и ќе видиме што понатаму“, порача Гоце Седлоски.

Се вчитува...