Седлоски утре со списокот за баражот за СП: Неколку дебитанти и повратници, костурот останува ист!

Новиот македонски селектор Гоце Седлоски утре ќе го објави првиот свој список репрезентативци, по именувањата на новата функција, и тоа за еден од најзначајните фудбалски настани на А-тимот во последната декада, баражот против Данска за пласман на Светското првенство 2026.

Веќе е познато дека на списокот на Седлоски ќе се најдат неколку нови имиња, дебитанти во националниот тим, но и повратници, иако останува фактот дека костурот на тимот кој ќе го понесе товарот низ престојните бараж пресметки останува ист.

Според нашите информации, за мартовските дуели враќање во националниот тим ќе има за Љупче Дориев кој игра во узбекистанскиот шампионат, а деби-повик и за напаѓачот од САД, Дени Мусовски кој го прифати повикот да настапува во македонскиот дрес. Деби повик треба да има и за Колумбиецот со македонски пасош, левокрилниот дефанзивец Себастијан Херера кој е капитен на шампионот на БиХ, Борац Бања Лука.

Меѓу новите имиња треба да бидат и дефанзивецот Имран Фетаи од Шкендија, како и фудбалерите на Вардар, голманот Давор Талески и десниот бек, Георги Јанкулов, а се очекува враќање во средниот ред и на Бобан Николов.

Но, останува фактот дека товарот низ баражот повторно ќе падне на играчите кои стандардно имаа место во првиот тим на селекцијата и досега, пред се Димитриевски, Муслиу, Зајков, Алиоски, Велковски, Барди, Атанасов, Чурлинов, Елмас, Миовски, Растодер…

Македонија полуфиналниот бараж за СП 2026 го игра против Данска на 26 март во Копенхаген, а потоа на 31 март ќе се соочи со Ирска или со Чешка на 31 март во Даблин или Прага.

Се вчитува...