Шкупи доживеа пораз од Балкани во првиот натпревар од плеј-офот од Конференциската Лига. Чаирскиот тим со пресврт е поразен 1-2, откако косовската екипа најпрво во првиот дел израмни, а потоа во второто полувреме со убав гол на Кореница успеа да поведе и да го задржи водството до крајот на мечот.
Гоце Седлоски на прес-конференцијата после натпреварот рече дека е разочаран од првиот примен гол, затоа што предупредувал од каде доаѓа опасноста.
„Добар натпревар, подобриот не победи денеска. Видовте и самите, на толку шанси неискористени. Супер влеговме, поведовме, а потоа примивме гол на што ги предупредив играчите. Мислам дека тој гол не раздрма. Последните 20 минути од средбата играчите дадоа се од себе, многу шанси, не ги искористивме. Противникот со два шута на гол даде два гола“, изјави Седлоски.
Тренерот на Шкупи истакна дека фудбалерите го дале максимумот, но биле казнети поради неискористените шанси.
„Има уште 90 минути за играње, никако не можам да му честитам на мојот колега затоа што не беа подобар противник, но се бројат головите. Момците го дадоа максимумот, на тие грешки кои ги правевме и минатите натпревари се повторија. Шансите мора да ги искористиме, на вакви натпревари кога не се користат шансите, противниците казнуваат“, вели Седлоски кој додаде дека Шкупи нема да се предаде и на реваншот ќе оди на победа.
„Јас ја сносам одговорност. Но прашувам, кој противник не надигра во овие четири натпревари? Не се предаваме така лесно и на реваншот. Одиме да одиграме таму добар натпревар. Кажав и пред мечот дека играме со добра екипа, но не заслуживме денеска да загубиме. Овие шанси кои ги имавме денеска доколку повторно ни се пружат, верувам дека ќе постигнеме гол“, заврши Седлоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА