Репрезентативците на Македонија денеска од 20:45 часот на националната арена во Скопје ги очекува еден од оние натпревари за кои се живее, еден од мечевите од кои може многу да се добие а малку да се загуби, без разлика што, од резултатски аспект, веќе и немаме којзнае какви амбиции во овој квалификациски циклус.
Шпанците во Скопје доаѓаат со неверојатна статистка – 24 години без пораз во квалификациите за СП. Последниот го доживеале во 1993 година од Данска во Копенхаген, и од тогаш цели 58 натпревари без пораз (45 победи и 13 ремија).
Сето тоа може да биде и дополнителен мотив за избраниците на Игор Ангеловски, кои ниту најмалку не можат и не сакаат да се закануваат на „фуријата“, но како што велат и тоа како се подготвени да се надигруваат до максимум.
За нас вечерва е седма „среќа“ во обидите да се изненади „црвената фурија“. Досега имаме шест натпревари, од кои пет квалификациски и еден пријателски, и со исто толку порази плус со гол-разлика од 3-18.
Првиот меѓусебен натпревар го одигравме во 1994 година во Скопје, кога Шпанија забележа победа од 0-2, а една година подоцна во Аликанте загубивме со 3-0, во квалификациите за ЕП.
Првите погодоци против Шпанците ги постигнавме во 2009 година на пријателскиот дуел, кога по првото полувреме имавме водство од 2-0 со головите на Пандев, но на крај загубивме со 2-3.
Дуели со Шпанија имавме и во квалификациите за ЕП, најпрво во 2014 година загубивме убедливо со 5-1 во Валенсија, а потоа и во Скопје, во рамките на истиот квалификациски циклус, со 0-1. Последниот пораз беше низ актуелните квалификации кога во Гранада загубивме со 4-0.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА