СЕДМЕРЕЦ: И за инает на душманите – пак е до парите

Екипа

Со кои „противници“ се бореше тренерот на Металург на СЕХА дуелот со Вардар?!

1.Дерби на кондиција

Во старите добри весникарски времиња имаше еден „дежурен“ носталгичен наслов – „Некогаш беше дерби“. Последниве години тој е се посоoдветен за меѓусебните пресметки меѓу Вардар и Металург. Некогаш кога тоа беше дерби, ама вистинско, со големо ривалство и жар на неизвесност, најавувано и очекувано со недели однапред, е тогаш се фаќаа врски за да се дојде до влезница.

Сега работите се сменија. Вардар и Металург се уште се „скопските ривали“ и двата моментно најсилни македонски клуба. Но, во меѓувреме Вардар отиде малку погоре, Металург малку подолу. И финансиски и резултатски. Со тој однос на силите, резултатот е речиси предвидлив, а трибините речиси празни. Па дури и кога дуелот е последен годинава на домашен терен за шампионски Вардар. И кога натпреварот има хуманитарен карактер и се апелира за помош…

Што донесе македонското СЕХА дерби на терен? Во она што беше некогаш – не многу. Во она што е сега – пристоен отпор на Металург во првото полувреме додека тимот од Автокоманда ги „бркаше судиите на кондиција“?!  И, „јазикот до колена“ што ќе рече еден од навивачите, кога вардарци во второ вклучија „втора брзина“ и за десетина минути „го фатија“ Металург „на кондиција“. Па после рутински си додадоа уште една победа во онаа неверојатна серија.

И додека командант Раул и кога погодуваа и кога промашуваа неговите мирно ги распоредуваше – кој да влезе кај да шутне, на другата клупа Ацо Јовиќ настојуваше да ги мотивира „металурзи“ во Лино-стил. Па на тајм-аут направи „тактика за судиите“.

Очигледно овие судии немаат кондиција, па не им работи глава добро. Дајте да ги донесеме да се бламираат…“

Тешко дека некој ја разбра поентата, ама видеото од тајм-аутот се вртеше по дербито повеќе од головите.

2.Се моли Ацо да не биде Лино…

Се пресмета Јовиќ со „противниците“ и на прес-конференцијата по натпреварот, па им порача на „душманите“ дека нема да го видат Металург на колена?!

Зошто и кому се наменети тие пораки?

Оправдување за поразот од Вардар е апсолутно непотребно. Металург си одигра коректно, во рамките на своите сили и можности. Против овој и ваков Вардар тешко и дека можеше нешто повеќе. Повеќе не можеа ни гиганти од калибарот на Рајн Некар Левен и Барселона, а не пак Металург, со сето ривалство и мотивација.

И кој сака да го види Металург на колена?

Ако е пораката упатена кон ривалскиот Вардар, целта е промашена. Во она друго време „кога ова беше дерби“ со вакви изјави можеби се палеше атмосфера. Сега, ниту приматот на Вардар е загрозен од Металург, ниту пак на шампионот му одговара „да го снема“ единствениот колку-толку достоен ривал. Напротив, здрава конкуренција секогаш е добредојдена.

Навивачите сигурно повеќе го сакаат оној Металург на црвсти нозе за кој се бараше билет повеќе, отколку Металург „на колена“ на кој ќе му ги бројат поразите и топлите оброци и ќе се надеваат на некои подобри времиња.

Ако е за медиумите и таму е „промашен зицер“. Без силни клубови и репрезентации, нема ни силни медиуми, барем во оној нашиот спортски дел. Ако нема резултати „да се пали народ“– нема публика, ни за клубовите, а ни за медиумите.

Ако се некои персонални пресметки со поранешни, сегашни, а можеби и идни луѓе во и околу клубот… тоа е веќе „внатре-клупски“ проблем.

Ако е додворување за спонзорот – тоа е веќе евтин маркетинг. И веќе видено од „менторот“.

3.„Хејтери“ и „сакачи“

Во ред е да се сака клубот и да се верува во „светла иднина“ дури и во тмурен ден. Ама, пресметки со „хејтери“ и  „душмани“ е повеќе за денгубење по социјалните мрежи во маалски стил. Никако стратегија на сериозен клуб со ЛШ статус.

Впрочем, имало не дека немало вакви „ката-пресметки“ и од некои вардарови структури кога работите не одат во посакувана насока. Тогаш најлесно е да се префрли топката, а богами и фокусот од вистинското жариште на проблемот.

Ама вистината е нешто друго. Ниту некој пропаднал од „хејтерите“, ниту пак станал врвен само од „сакачите“.

Всушност, на крај се е до парите и до спонзорите, а малку и до тие „од доверба“ што трошат и што на крај го „пакуваат“ производот. Ако има пари има и тим и задоволни играчи. Ако има тим, има и резултати. А, кога има резултати, има и публика и „сакачи“ што „гинат“ за клубот. Кога ќе секнат парите, по правило, секнуваат и резултатите, а „сакачите“ брзо стануваат „хејтери“. Впрочем, Металург си го знае тоа и практично. Па не ги фати кризата во 2014 заради „хејтерите“, туку заради парите.

А прес- пресметки со „душманите“, тоа е прв сигнал дека работите тргнале „во Хондурас“.

Се вчитува...