Ни „клети Турци“, ни „лоши Грци“, ни Германци судии…сами сме си виновни
1.Победа – АВРИО
Ви текнува на оној грцизам одомаќинет во нашиот јазик кога ќе пропуштиш нешто што не требало, па ќе ти кажат „Е, сега тоа аврио!“. Односно „утре“ или „отиде возот“.
Така беше и вчера во Кожани. Победа – аврио, со таква игра…
Едно пет-шест минути сигурно, и нас и на Грците ни требаа за да се свестиме – ние дека изгубивме, тие дека победиле. И дека резултатот на семафорот е тој, конечниот.
Што стана со најдобрата македонска репрезентација предводена од еден од најдобрите тренери во светот? Онаа што е 11.репрезентација во Европа и што пред неполна година ја победуваше Словенија, играше нерешено со Германија… А, потоа дојде Шпанија во Вараждин и оттогаш тргна колата надолу и надолу.
И, сега десет месеци подоцна, во квалификациите за ЕП 2020 едвај составува крај со крај со Турција и губи од Грција? Од истата таа репрезентација на Грција за која бевме ракометна велесила и која само три дена пред тоа загуби од Исланд со 14 гола разлика!
А, нас не преслуша како да е Франција, и Харалампос Малиос, ни крив ни должен, стана Никола Карабатиќ!
„Сите и играчите и новинарите мислеа со колку разлика ќе ги победиме Турција и Грција, но мора да бидеме свесни дека противниците се добри, играат добро…“, ќе рече селекторот Раул Гонзалес.
Да, ама требаше и Македонија да одигра добро со рејтингот и квалитетот што го има. И затоа што го има Раул Гонзалес на клупата, а не Јоанис Арванитис или Окан Халај. Да не се лажеме!
2.Тие се најдобрите…дали?
Таму каде што се најголеми очекувањата, таму се најголеми и разочарувањата. Непишано правило. Токму затоа се „возбуди нацијата“ на немоќта на оние што се „најдоброто од Македонија“ во спортот што е број еден во државата.
Во изминатите 3-4 години, Раул Гонзалес потврди дека е врвен тренер што има решение за секоја ситуација и смиреност тоа да го реализира. И едноставно, никако не влегува во глава дека не можел да најде решение како да ја победи Грција и тактички да се справи со Јоанис Арванитис?! Ви се молам!
Втора работа е дали играчите го спровеле тоа што го поставил селекторот и ако не кој и зошто?
Секоја чест за Никола Митревски и за неговите 15 одбрани на таков натпревари и со одбрана како „швајцарско сирење“. Ама кога и со 15 голмански одбрани на крај Грција е со +2, тогаш дефинитивно нешто не е како што треба.
Предупреди и со право се налути и капитенот Кире Лазаров за несериозноста и ноншалантноста во играта уште после мечот со Турција. Но, го послуша ли некој? Или и неговите зборови отидоа во ветар…
Трета и можеби и најболна работа – изборот и составот. Дали е тоа избор на селекторот и зошто тогаш, пола тим е практично неупотреблив? А ростерот ни е кус, покус не може да биде.
До кога ќе тераме со „недопирливи“ и „незаменливи“ или со „пењал се не пењал, пасош сум му дал“? Треба ли конечно да се „пресече традицијата“ и да се освежува репрезентацијата… Или додека го држат нозе ќе се „шлепаме“ на Кире Лазаров и ќе го преколнуваме Жути да се врати да не спаси.
Па, ако не да го вратиме и Пепи Мансков! Гарант и со 54 ќе одиграше подобро од пола од „младината“ што се мачеше вчера со Грција.
3.Репрезентација не е рекреација
А, токму „младината“ најтешко ни паѓа, а најмногу „боде очи“ во последните два натпревари. Можеби и дека од нив најмногу очекуваме и се надеваме. И со право.
Крв проплукавме додека ги „испилкавме“ Филип Талески и Филип Кузмановски за да немаме пак децениска дупка во репрезентацијата. Со години се каравме со Обрван да ги земе, да растат и да се искалат во најсилниот состав. Војни водевме со Лино Червар да ги „бруси“ и да не ги седнува на клупа… Како што сега „напрегаме“ за Танкоски и за Серафимов. Оти во нив ја гледаме иднината како лидери на новата генерација.
Ама сега нешто т’нка ни е работата.
Талески убаво кажа – ни ние не сме веќе млади и неискусни. Колку и да е неговиот напредок во Рајн Некар Левен евидентен, а неговиот придонес драгоцен и голгетерски рамо до рамо со капитенот, сепак Талески мора да сфати и да се навикне дека е прв лев бек во репрезентацијата, оти овде нема Енди Шмид да ја преземе одговорноста.
Уште потенка е работата со Филип Кузмановски кој ама баш не знаеше што да прави ни со топката ни со шансата да го замени Филип Миркуловски. Натежнат и замајан во славата на главен фраер битолски, што „прави парче“ од Бутел до Радовиш, со Турција и со Грција не можеше два сантиметри да се одлепи од подлогата, ни да ја „врзе играта“ како што треба.
Кога ќе ми текне само, како му се радувавме кога „леташе“ Фитиљот по терен на ЕП во Полска и погодуваше против Франција и Хрватска! Велевме, нема зима имаме „небрусен дијамант“. Од „дијамантот“ сега имаме само две „нули“ со Турција и со Грција.
Дејан Манасков се моли да се најде конечно на иста фреквенција со Талески и да не промашува веќе зицери оти „Алкалоид“ ќе мора да отвори уште еден погон за „кафетини“.
Гоце Ојлески да не биде само „цимер на клупа“, Велко Марковски да не биде пензионер пред пензија, Столе Стоилов помалку да се кара повеќе да игра…
„Ел команданте“ од Париз да си го прочисти списокот без „суфлери“ и да си ја среди четата оти, наближува Светско и надежта за Токио. Таков беше договорот, нели?
И сите заедно да сфатат дека репрезентација не е рекреација. Оти, како тргнало, и ракометот ќе ни биде „аврио“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА