СЕДМЕРЕЦ: Bonjour – Au revoir

Екипа

Вардар од Стразбур најави долга тешка есен…

1.Поразени и преполовени

Дека „новиот“ Вардар ќе биде ист како стариот шампионскиот, знаевме дека нема да биде. Дека ќе биде лесно во новата сезона со кризата на врата, уште помалку. Се виде тоа викендов на дело на последната проверка со оние големите ривали на трунирот во Стразбур.

На прв поглед доброто прво полувреме и на крај ремито против ПСЖ, влеа надеж дека вардарци „и не се така лоши“ кога може да им водат и со +6 на „милионерите“ со Раул на клупата.

На втор поглед, беше јасно дека „ел команданте“, коректно, не сакаше да покажува сила и уште на прва претсезонски, да ги „убива во поим“ до вчера, неговите вардарци. Но, по она што го одигра ПСЖ во Стразбур до крај стана јасно дека системот на Раул добро функционира и во ѕвездениот тим и дека ПСЖ сега веќе е тим што има „контрола на ситуацијата“. И против Вардар и и против актуелниот европскиот првак Монпелје.

Вардар пак беше на вистинска мака прво со Мешков Брест двоцифрено во негатива, а потоа и со Нант малку поподносливо.

А, велат маката никогаш не доаѓа сама. На кризата и поразите, дојдоа и повредите. Па вардарци, ај што се со еден голман, ај што се со Карачиќ и Борозан вон строј, останаа и без капитенот Стојанче Стоилов. Во дуел со Карабатиќ, Столе ја скрши дланката и го чека двомесечна пауза.

Секоја повреда е „лош момент“, но за Стоилов и за Вардар во полош момент не можеше да се случи.

Вака како што тргна, Роберто Парондо и „црвено-црните“ ги чека долга тешка есен.

2.Супер Куп колекција

Освен маките на вардарци во Стразбур, изминатава седмица и не беше така лоша ако се соберат сите пехари и титули на македонските ракометари низ Европа. Богата жетва на Супер купови и „скалпови“.

Филип Талески со Рајн Некар Левен го одбрани Супер купот на Германија во дуел со Фленсбург. Македонскиот бек вредно и трпеливи ја чека својата шанса и полека но, сигурно си го добива своето место меѓу „лавовите“.

Во Вецлар видоа дека Филип Миркуловски е „роден за капитен“. Македонскиот репрезентативец уште од првиот ден ужива голема доверба во германскиот тим, а сезонава ја доби и капитенската лента и во лидерска улога ја почна новата Бундеслигашка сезона.

Борко Ристовски веќе е „главна фаца“ во Лисабон. Бенфика го слави македонскиот голман и го врти „видеото“ како Борко мајсторски го отпиша градскиот ривал Спортинг за титула во португалскиот Супер Куп.

И Жарко Пешевски имаше „турбо“ подготовки и веќе фаќа украински ритам со Мотор Запорожје во својата прва интернационална сезона. „Скалпот“ на Кјелце на последната проверка на „Днепар Куп“, секако е ветувачко загревање и за новиот тим на македонскиот репрезентативен пикер.

Дејан Манасков и Веспрем не се прославија многу во француското друштво на турнирот во Стразбур, но трофејниот унгарски тим влегува со нависоки амбиции во новата сезона во обид да врати се што испушти лани, а можеби и нешто повеќе од тоа.

Кире Лазаров секако е веќе битна алка во системот на Нант и во новата сезона со сите планови и амбиции на Тиери Анти…

Како и да е ни претстои интересна сезона, од секаде по нешто низ Европа.

3.Во кого ќе се „крстиме“?

Интересна сезона во најава ќе има и на домашна сцена, посебно во суперлигашкото друштво. Радува „свртувањето“ на повеќето клубови кон домашните играчи и кон сопствените млади сили. Што во перспектива е и тоа како добро за иднината на македонскиот ракомет, па и за „математиката“ на клубовите.

Радува „јагмата“ за потпис на младите таленти. Радуваат и тоа како, оние седум потписи во еден ден на охридските надежи од подмладокот во првиот тим. И, верувам дека Горан Андовски и охриѓани нема да ја „свртат пентата“ и ќе истраат во овој процес.

Во Струга пак, пристигна уште еден Грузиец, а Андон Бошковски како селектор на Грузија и тренер на Струга под свое ги зеде младите грузиски таленти на левата и на десната бековска позиција.

Нешто слично као Едуард Кокшаров што си ги собра Русите во Вардар…

Оваа селекторска практика тешко дека ќе добие и македонска примена барем во догледно време. Селекторот Раул Гонзалес малку е веројатно дека ќе ги земе македонските репрезентативни таленти под свое во францускиот ПСЖ. Барем не покажа таков интерес летово.

Токму затоа, за макеоднските таленти останува да се „крстиме“ во младинскиот селектор и во заложбите на Данило Брестовац од Металург, каков-таков, повторно да направи здрава репрезентативна база во која ќе созреваа македонската ракометна иднина.

И во заложбата на дел од клубовите да тргнат по новиот курс и да го растат подмладокот наместо секоја сезона да трошат двојно повеќе за просечни и потпросечни странски ракометари кои доаѓаат и си заминуваат и на крај приказната брзо завршува.

„Бонжур – оревуар“

Што би рекол Раул на француски.

Се вчитува...