Само еден гол го делеше Вардар од шампионската титула во Лигата на шампионите на четвртиот Ф4 во унгарската престолнина, но вардарки се уште не го кажале последниот збор…
1.И радост и тага во два дена
По трите „бронзи“, вардарки годинава од Будимпешта носат „сребро“. Македонскиот шампион стигна до големото финале во Лигата на шампионите, во полуфиналето му наплати „поштено“ на ЧСМ Букурешт за ланскиот пораз, но титулата останува сон за наредната година. Унгарскиот Ѓер беше посилен овој пат, на теренот, на трибините, па и на записничката маса, ако сакате.
Впрочем, Ѓер е 14 години во ЛШ, Вардар четири. Ѓер има шест финалиња, Вардар го играше првото. Ѓер има три шампионски титули, Вардар се уште ја сонува првата. Ѓер го има официјално најдобриот тренер во ЛШ на својата клупа, Вардар сезонава го води кој како стигне… На крај, кога ќе се подвлече линија, се си има влијание, повеќе или помалку.
Вардарки ја посакуваа титулата, годинава можеби повеќе од кога и да е. И беа блиску, многу блиску, на еден гол до целта. Се бореа, се враќаа, стигнаа до продолженија и не се предаваа до крај.
Но, да бидеме реални, вчера Ѓер ја диктираше играта. Зошто Вардар дозволи „да летаат“ крилата на Ѓер, зошто Анита Горбич не изненади по 1100-ти пат, зошто Вардар ги изврте трите голманки и не доби ниедна во вистинско издание, зошто Дамњановиќ остана на клупа, кога Хмирова баш и не беше некој џокер за финале…Зошто судијките судеа како што судеа?
Остана желбата за титула, ама останаа и многу прашања по ова прво финале.
И кога ќе стивнат страстите и кога ќе пресушат солзите на разочарувањето по загубеното финале, можеби ќе треба во македонскиот шампион да се фатат здраво работите. Оти, Вардар има „златен тим“ кој може и заслужува да биде на врвот, недостасуваат само малку нијанси и малку повеќе тактика.
Финалето е чекор напред, дефинитивно. А, ако Вардар оди по стапките на Кометал ЃП, следно треба да биде шампионската титула.
2. Сетете се на Кометал ЃП…
Така е редот, а изгледа и треба да се повтори историјата. Деновиве „навивавме“, вардарки со нова шампионска титула да го одбележат јубилејот 15-години од титулата на Кометал ЃП во Лигата на шампионите, прва и се уште единствена за македонскиот спорт. И таква и ќе остане барем уште некое време.
И додека жалиме за вчерашното финале во Будимпешта, не е лошо да се потсетиме како Кометал ЃП дојде до титулата во ЛШ во 2002.
Прво го загуби она легендарно финале со Хипо, па со „правдата на посилниот“ доби едногодишна суспензија за мечот во „Кале“. И потоа, се врати и стана европски шампион! Токму затоа и ден денеска се памети таа шампионска титула на Кометал ЃП. Не само што беше прва за Македонија, туку беше победа на упорноста и на истрајноста.
Некој ќе рече, тоа беше друго време. Да, можеби тоа беше некое друго време, но, играта е таа.
По загубеното финале во ЛШ, Кометал ЃП се врати уште посилен, стана европски шампион, а „химна“ им стана онаа „Како је добро видјети те опет…“
Ќе биде убаво ако и вардарки догодина да ја запеат истата песна во Будимпешта. Ја имаат Гордана Нацева да им го пренесе кометалското искуство. А, ова загубено финале нека им биде мотив повеќе.
3. Шпански ветар во македонската репрезентација
Истрајноста му се исплати и на Раул Гонзалес. Новиот селектор дебитираше на клупата на машката репрезентација со победа против Исланд во „Борис Трајковски“. За четири дена Шпанецот го направи она што на другите не им успеа ни за четири месеци. Донесе нова свежина во играта, ред и авторитет. Ги почитува играчите, го почитуваат и тие него. А, позитивните импулси ги почувствува и публиката. Одамна немало таков натпревар на репрезентација, убаво и за око и за душа.
Игра секој што заслужува, се врати Борко на голот и на двата меча покажа колку на националниот тим во изминатите месеци му недостасувал „министер на голот“.
И што е најважно, со скопската победа против Исланд, Македонија останува во игра за пласман на ЕП 2018 во Хрватска во непредвидливата група каде максимално се измешаа работите. Иако, на вториот меч во Рејкјавик синоќа останавме покуси за еден гол.
Таков беше денот – за малку.
Гол ни недостасуваше два пати за неколку саати, прво на Вардар, па после и на македонската репрезентација. Доволно да го „кренеме во воздух“ прес центарот во „Ласло Пап Арената“ во Будимпешта, каде македонските новинари колективно по финалето во ЛШ, „фаќаа“ МТВ за да ги изгледаме нашите во Исланд. И додека домаќините ги склопуваа масите и под око не гледаа „алоо до кога ќе седите вие овде…затвораме“, а „официјалните“ од ЕХФ се чудеа „па вие сите го гледате натпреварот“, ние си навивавме, онака по нашки, малку погласно од мајсторите што „лупаа“ со масите.
Македонија е во игра и што е најважно, има игра. Ќе не трпат уште малку, додека не заврши натпреварот…
И, пак останавме покуси за малку, за еден гол.
Но, Раул Гонзалес го положи првиот „колоквиум“ на македонската клупа. Сега се враќа повторно на клупските обврски со Вардар да го „одигра“ Келн и завршницата во ЛШ, а можеби и да донесе нова титула во Македонија. Оваа што не ја дофативме во Будимпешта, можеби ќе блесне во Келн. Зошто да не…
А, потоа пак репрезентација и завршните два квалификациски натпревари во кои ќе треба да се оправи онаа катастрофа од првиот меч со Чешка, наследена од претходниот и да се реши Украина.
Има уште ракомет месецов, и за радување и за нервирање.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА