СЕДМЕРЕЦ: „Експертите“, „летечките“… и ние

Екипа

Дали е успех 15-то место за Македонија? Никако!, ќе рече поранешниот македонски репрезентативец и селектор, Стевче Стефановски.

1. Кој сака повеќе – тој добива

Пукна шампањот и на француското 25.Светско ракометно првенство. Нормално, и овој пат „го пукаа“ Французите, таму каде што се навикнати, на победничкиот подиум, овој пат пред својата париска публика.

Французите се уште се неприкосновени „експерти“ во ракометот и ќе помине уште време за некој сериозно да им го загрози врвот. Од првиот до последниот ден никој и не се сомневаше во тоа кој ќе го земе „златото“. Или ќе го одбрани, сеедно. Франција уште еднаш ја покажа својата ракометна моќ, со Карабатиќ, Омејер, Нарсис, Абало, Сорендо…но и со силата на „резервниот“ Жерар, со младите Ремили, Фабрегас. Има таму „материјал“ за уште многу нови титули.

Но, феноменот на „феноменалниот ракомет“ на овој мундијал не беа „златните Французи“. Тие се очекувано и донекаде, веќе видено, со целата сила и совршенство.

Феноменот и посебниот „шарм“ на мундијалот му го дадоа „сребрените Норвежани“ и „бронзените Словенци“. Новата летечка сила и енергија во модерниот ракомет. Упорноста и вербата на борецот Кристијан Берге и харизмата и победничкиот дух на Веселин Вујовиќ. Младите Норвежани оставаат без здив, од Сагосен до фантастичниот Бергеруд на голот.

Вујо и „летечките“ Словенци пак, онака подмладени, ама „вистински подмладени“ ја спуштија на земја, вечно уморната Хрватска, сосе Балиќ и Бабиќ и нивниот „свети седми“.

И со „бронзата“ уште и на враќање им слетаа во Загреб!

Во Франција тргнаа без големи ѕвезди, целеа прво на осминафинале, па на четвртфинале и на крај стигнаа до историскиот прв медал.

„Се паметат само – победниците!… Кој ќе се сеќава на вас ако бидете четврти…Дајте сега се во животот како да е крај на светот…“, им викаше Вујо на момчињата од Марибор и Рибница.

„Зошто да се задоволиме со малку, ако може да се бориме за повеќе?“

Тоа е можеби и она клучно прашање што ги движи победниците.

Кој сака повеќе – тој оди напред. И добива!

2. Дали е успех нашето 15-то?

А, каде сме ние во тој нов „феноменален ракомет“ на францускиот мундијал! Ние сме 15 од вкупните 24 и претпоследни пред Бразил од оние 16 што влегоа во осминафиналето.

Шест места подолу од пласманот на претходното СП 2015 во Катар.

За некои важно, за други небитно, затоа што, нели ја остваривме основната цел со пласманот во осминафиналето.

„Дали е успех 15-то место за Македонија. Никако!“ – викна директно во камерите, поранешниот македонски репрезентативец и селектор, Стевче Стефановски.

И, има право! Со сите оние аргументи што ги нареди потоа – и за „играњето со голманите“, и за подмладувањето и (не)довербата за младите и за дебитантите ветерани, и за списокот и за тоа колку сме „модерни“ или „немоќни“ со фамозните „7 на 6“, и за иднината и за сите оние прашалници во македонскиот ракомет за кои, обично „гласно се молчи“.

Не е „ерес“ и „злочесто“ ако се каже дека сакаме да „летаме“, а не да „тонеме“. Спортски е да се бориш и да очекуваш повеќе дури и кога желбите се малку повеќе над можностите.

Ќе стигневме ли до Белград ако ни беше доста и Ниш во 2012?

И, тогаш резултатите беа над реалните можности.

Слушам вчера, дека тој успех во Србија и оној од пред две години во Катар бил затоа што Македонија тогаш имала „ветар во грб“, а сега немала.

Македонската репрезентација секогаш има „ветар во грб“! Од публиката, од медиумите, од оној што седи на записничката маса, од “фалангата“ што патува и по пустини и по планини. Има „ветар во грб“ од целата македонска јавност која секој јануари заборава, и на проблемите и на јануарските сметки, и на мразот и на политиката и навива за ракометарите.

Да бидат посилни од противниците и да „летнат“ повисоко од можностите.

 3. Собирање на ракометните умови

За нас можеби не е трагедија ако сме 15-ти, што би рекле некои „мала земја, толку се можностите“, ама за Хрватите и тоа како е трагедија кога Словенија „пред нос“ ќе им ја земе „бронзата“. А, бидејќи сме „изборнички“ поврзани со Хрватска, нивните проблеми, брзо стануваат и наш проблем. Па сега Хрватите пак ќе го менуваат Жељко Бабиќ, а на секоја селекторска смена кај „коцкестите“ веднаш во прв план фаворитски влегува Лино Червар.

И, пак, по којзнае кој пат, Хрватите го менуваат Бабиќ, а кај нас по којзнае кој пат, пак се се нагаѓа дали Хрватот со македонски пасош ќе остане да го одработи четиригодишниот договор со Македонија или ќе се врати да ја спасува Хрватска?

Червар, нормално, не вели ни „да“ ни „не“, туку политички им праќа пораки.

„Треба да се собере целиот хрватски ракометен ум, да се стават главите заедно и да се направи обид на најдобар начин да се подготвиме за ЕП во Хрватска во јануари 2018…треба да се биде многу паметен во подготовките на она што доаѓа“ – изјави Лино Червар за хрватските медиуми.

Со цела почит кон селекторот, ја позајмувам неговата изјава и советот, со мала преадаптација на македонски:

„Треба да се собере целиот МАКЕДОНСКИ ракометен ум, да се стават главите заедно и да се направи обид на најдобар начин да се подготвиме за ЕП 2018 во Хрватска (прво, нормално, како да се пласираме).

И пред се: „треба да се биде паметен во подготовките на она што доаѓа“.

Да не бидеме попатна станица, да не се задоволуваме со малку, ако може да се бориме за многу, да подмладуваме со млади, а не со ветерани, да расчистиме веќе еднаш со натурализации и пасошизации…И да тргнеме напред.

Дали сме задоволни од 15-то во Франција?! Никако!

Се вчитува...