Седмерец: ЕВРОПСКИ дар од ВАРДАР

Екипа

Радувај се Македонијо, имаш шампиони!

1. Сите ние два милиони, против оние париските 17

Кој вели 13-ката не била среќна? Среќна и пресреќна е за Вардар и за Македонија. „Црвено-црните“ се 13-от шампион на Европа. Ги урнаа вардарци сите предрасуди и прогнози. За седум секунди…

„Течеше“ Вардар во овој викенд за незаборав во Келн контра сите законитости за надмоќта на посилните, за моќта на парите, за сјајот на ѕвездите… Нашиот Вардар во два дена ги надигра и ги победи и трофејната Барселона и моќниот ПСЖ и стана шампион на Европа.

Жарот и страста на вардарци и оној поглед на неверување на големиот Тиери Омејер кога Иван Чупиќ му ја смести топката зад грбот. Непроценливо!

„Црвено-црна“ ерупција во „Ланксес Арена“ и „ракометна експлозија“ во Македонија. Вардар „што никогаш досега не ја видел катедралата во Келн“ , ја освои Европа! Убаво и за око и за душа.

И ја израдува Македонија. Ја сплоти како што одамна не била сплотена.

Сите ние два милиони против оние париските 17! Во евра или во долари, сеедно.

Дар од Вардар за Македонија. За 30-годишниот јубилеј на „Комити“, за сите оние што „го жртвуваа“ одморот за да ги бодрат вардарци во Келн, оти влезниците беа колку просечна македонска плата…

Ќе позајмам еден пост што ми го разубави ова шампионско утро:

„Само човек што сака спорт и знае со каква жар и страст играше вчера Вардар, ќе сфати што значи оваа победа…“

Луѓе мои, ова е Македонија. Па ние 15 години ја славиме титулата на Кометал ЃП. Ќе ја славиме и оваа на Вардар. И со ист жар ќе ја чекаме следната да дојде многу побрзо.

И ќе ги пречекаме утре европските шампиони онака како што им доликува. И како што знае да ги слави Македонија своите спортски херои.

2. Еден ама вреден

Што е она што го има Вардар, а што го немаа другите на овој Ф4 во Келн?

И Вардар има милиони, ама не како другите три полуфиналисти. Но, овој пат срцето беше посилно од парите.

Вардар е еден и единствен клуб во историјата на ЛШ со два тима, и машкиот и женскиот, во двете финалиња на Ф4 во иста сезона.

Вардар го имаше жарот на дебитантот. Без товарот на фаворит.

Вардарци дојдоа последни во Келн. Елегантни и опуштени. „Староседелците“ ги пречекаа, а „новаците“ ги преслушаа и им го зедоа пехарот.

Вардар нема плејада од големи ѕвезди. Ама има тим. И, го има Арпад Штербик. Фала и пријатно!

Вардар ја има упорноста на „малиот“  Лука Циндриќ, „златната рака“ на Иван Чупиќ, мајсториите на Тимур Дибиров, „бомбите“ на Вуко Борозан, цврстината на Илија Абутовиќ…

Македонскиот шампион нема многу Македонци во составот, ама го има капитенот Стојанче Стоилов. Еден – ама вреден. Со шампионскиот пехар во рацете. Слика за историја.

„Имаме срце, имаме карактер и го имаме најдобриот тренер во светот“ – сумираше Илија Абутовиќ.

Три битни работи за шампионска титула.

3. Шпански на македонски

Да, Вардар го има Раул Гонзалес. Тивкиот Шпанец што го знае ракометот и што знае како да го надмудри и „недопирливиот“ Чави Пасквал и легендарниот Нока Сердарушиќ.  И од Вардар да направи шампион на Европа.

И, никој веќе да не спомнал дека Македонија е мала држава и дека толку ни е силата, таму некаде до четвртфинале. Нема право. Раул Гонзалес докажа дека и Македонија може да биде голема во друштво со големите. И може многу да ти даде ако знаеш да ја почитуваш.

Да, шпанскиот тренер има „убав тим“ и услови на кои може да му позавидат многу во Европа. Но, има и нешто што го немаат многу други – тивок авторитет и почит кон другите.

Вардар има „космополитски тим“ како што велат шпанските медиуми, но таму се зборува на македонски. И ја има македонската страст и ракометна еуфорија. И тоа најмногу по заслуга на Раул Гонзалес.

И додека скапиот ПСЖ и славниот Сердарушиќ се губат во преводот, Раул и Вардар елегантно ја решаваат тактиката на македонски. Можеби небитно, но за нас значајно.

Во едно интервју пред настапот на Вардар на Ф4, го прашаа тренерот на Вардар што ќе му остане во најголемо сеќавање кога еден ден ќе замине од Македонија…

А, Раул со насмевка одговори: „Јас ја сакам Македонија и сакам да живеам овде во Македонија, не одам никаде.“

Шпанецот што зборува македонски, за неколку дена во Македонија го чека уште еден предизвик – оној селекторскиот, да ја однесе македонската репрезентација на ЕП во Хрватска.

Изгорени од минатото, колку и да бевме скептици дали Раул ќе може да одговори подеднакво успешно на двата фронта, после овој викенд се топат сите сомнежи. Ако можеше со Нока и со Паски, ќе се справи Раул и со Украинецот Андронов и со чешкиот двоец Кубеш и Филип…

Онака мајсторски, шпански на македонски. И ќе ја израдува Македонија уште еднаш, онака убаво спортски, ракометно.

Се вчитува...