Секнува ли златната жичка во македонското ракометно Елдорадо?
1. Големи и мали, сити и гладни
Сиромашниот Металург го победи богатиот Вардар во македонскиот суперлигашки плеј-оф. Првпат во последниве три години откако „црвено-црните“ се на руски кавијар, а „сините“ на гравче од менза.
Сензацијата од Автокоманда, барем на овие простори, вчера одекна посилно дури и од онаа од Кјелце дека Монпелје го елиминира европскиот шампион во осминафиналето на ЛШ. Секоја чест за момчињата од Металург. Се надминаа себе си и своите можности, добро подготвени и максимално мотивирани да им покажат на вардарци дека не се непобедливи. Впрочем, мотивацијата во овие дуели на големите скопски ривали отсекогаш била максимална. Металург на двапати сезонава во дуелите со Вардар во СЕХА беше блиску, еднаш на гол (24-25), вториот пат на два (31-29), но, на крај секогаш победуваа „црвено-црните“.
Се до синоќешниот дуел во Автокоманда.
Што беше пресудно во големата пресметка што одново ги крена страстите во ракометна Македонија? Мотивираноста на Металург или преценетоста на Вардар? Едните во желба да докажат дека вредат иако два и пол месеци не зеле плата, другите со мислите на фајналфор во Келн.
Или, можеби пресуден беше инаетот на Лино Червар и несигурноста на Раул Гонзалес во оваа прва клупска пресметка на стариот и новиот селектор на македонската репрезентација?
Имаше од се по нешто, сигурно. И еден голем аларм и за едната и за другата страна. Вардар да се симне од облаци по пласманот во четвртфиналето во ЛШ, за да не го снајде ланската судбина на Барселона. Металург да реши дали ќе биде сериозен професионален клуб или маалски што ќе блеска и згаснува на моментална инспирација. Оти играчите „што се среќни ако добијат топол оброк“ и 100 евра, како што вели Лино Червар, тешко дека ќе можат во недоглед да се мотивираат на гравчето од менза. Од стартото искуство, следната фаза е трчање на кеј. А, потоа тужби и наплата со камата.
Во Автокоманда веќе стигаат долговите за наплата, од „старата тактика“. Победата против Вардар само ја ублажи маката…
2. Ракометна „чорба“
Ова е сепак 2017, а не 1965 и професионалците играат за пари, а не за „топол оброк“. И тоа сигурно го знаат и газдите, а и тренерите со петцифрени плати. Во евра, нормално.
Лино Червар во победничкиот занес по триумфот над Вардар сакајќи да ја нагласи скромноста на играчите и својата генијалност, всушност пред цела јавност ги понижи и ги потцени своите ракометари со изјавата дека “тие се задоволни и ако добијат топол оброк и 100 евра“.
Кој ќе даде утре повисока цена за ракометар што во Металург играл за топол оброк?!
Секнува ли златната жичка во македонското ракометно Елдорадо? Оти на „топол оброк“ и на ладни ветувања за плата се и во другите македонски ракометни мензи.
Или за кого како… Од една страна се фалиме со големи имиња со 3-4 нули во договорите, од друга страна играчите се на „топол оброк“.
И на крај, ракометот –„чорба“.
3. Боли по свој грб…
Му се погоди победата на „Маго од Автокоманда“ да се пресмета и со оние кои „се дрзнаа“ да ја критикуваат неговата работа, резултатите и раскинот со македонската репрезентација. Додуша, дуелот на Металург со Вардар и нема некоја директна врска со она другото, ама да се искористи моментот.
Лино Червар се навредил од критиките на УО на РФМ за неговото десетмесечно селекторување со репрезентацијата на Македонија, за „сељачката игра“ и за оценката дека 15. место на СП во Франција не е успех.
Червар изгледа подзаборави дека и тој критикуваше и наоѓаше маани во играта на македонската репрезентација пред него „од 5 до 10 место“, дека цела година не лечеше и не пропушташе можност да не потсети на „олимписката депресија“ во која не фрлил претходниот селектор, дека дијагностицираше „емоционални празнења“, „злочестост“ и „изнимно лоши“ карактери…
Стапот по туѓ грб не боли, ама боли на свој…
Без намера некого да правдаме или да осудуваме, во едно демократско општество секој има право да си го каже своето мислење, без разлика дали тоа некому се допаѓа или не. Од одговорноста и од отчетноста не треба никој да биде амнестиран, па нека има и десет олимписки злата.
Дека неговото заминување од македонската репрезентација и тримесечното „возење“ затоа што не можел да се реши што да одбере, дали Хрватска или Македонија, беше „неетичко“ – беше.
Дека македонската репрезентација сега е „ни на небо ни на земја“, подмладена со неговите 38-годишни дебитанти – е.
Дека сме на сред квалификации со само два бода и еден катастрофален пораз од Чешка – сме.
Дека не направивме ракометна револуција во Франција – не направивме. И дека не може да биде успех 15.место на СП – не може, па и десет пати Металург да го победи Вардар!
А, дека некој не смее да биде критикуван затоа што пред 13-14 години со некои други бил олимписки и светски шампион, па и тоа многу не држи вода.
Ако е така, па не ќе смее никој да го критикува ни Раул Гонзалес, ако не успее со репрезентацијата на Македонија, оти тој освоил Лига шампиони со Сиудад Реал и има олимписка бронза од Атланта!
4. Се моли селекторот да не го пресликува Вардар во репрезентацијата!
А, баш и не му тргна најдобро на Шпанецот откако стана селектор на Македонија.
Само што беше назначен за нов селектор на македонската репрезентација со желба и порака играта и системот од Вардар да ја преслика и во националниот тим, Раул Гонзалес со Вардар доби „огнено крстување“ во Автокоманда.
Тивкиот Шпанец со симпатичен македонски јазик, уште откога дојде во Македонија, тешко преживува на дуелите во скопското предгради. Дури и кога е играчки квалитативно и квантитативно далеку посилен од противникот. Не се снајде Гонзалес најдобро ни во вчерашниот дуел. Вардар влета неспретно во тактиката на Металург и го „изеде“ поразот.
За „црвено-црните“ ова може да биде корисно освестување пред четвртфиналето во Лигата на шампионите. После „топлиот оброк“ од Автокоманда, сигурно ќе бидат многу повнимателни и поприсебни во четвртфиналето со Фленсбург во Лигата на шампионите. Ако не, ќе биде тешко и за Вардар, а индиректно и за македонската репрезентација со новиот селектор.
Оти Вардар во вакво издание како во Автокоманда, не е баш и нешто многу за пресликување…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА