Новиот Вардар по старата шема пак прави есенска поплава во Европа
1.Ладни глави на жежок терен
Вардар без Штербик го победи Веспрем со Штербик и тоа на најтешкиот гостински терен! И има три од три на стартот од новата сезона во Лигата на шампионите. Малку кој веруваше дека ќе има уште една есенска вардарова поплава на Европа. Не беа само „душамните“ неверници и „душманската“ ЕХФ што не го стави македонскиот шампион ни во Топ 10, ни „душманските“ телевизиите што не ги откупија преносите, за волја на вистината, во новиот Вардар не веруваа ни многу од „верните“ навивачи, инаку немаше да ги откажат „сезонските“…
Арно ама, Роберто Парондо ги склопи коцките со тоа што остана од шампионскиот тим и од сенка излезе директно на врвот во никогаш потешката група во ЛШ.
Ако актуелниот шампион Монпелје беше среќа на почеток, а Кристијанштад „редовен пациент“, Веспрем со Арпад Штербик и со сите ѕвезди и пари беше и тоа како „жежок“ предизвик за Вардар. Во изминатите сезони, вардарци и во многу посилна позиција никогаш не успеваа да ја освојат „Веспрем Арена“. Сега им успеа. И тоа со Штербик на другата страна од теренот , безмалку, во сите 60 минути!
Што беше клучот на победата на Вардар во големото дерби на среде Унгарија?
Добра подготовка, концентрација и смиреност без фаворитски притисок и пред се, фокусот на тимот. Кога го нема Штербик да те вади во клучните моменти, натпреварот „го вадат“ сите заедно.
Љубомир Врањеш ќе рече и германските судии и некој што не сакал Веспрем да победи…Впрочем, кој губи има право и да се лути.
Но, кога со тим каков што има Веспрем, прво Кјелце ќе те надигра и за малку ќе те победи со „пола тим“. И потоа Вардар ќе те поплави, а Милосављев ќе извади подобар меч од Штербик, тогаш на Балатон дефинитивно, не цветаат рози.
Што се однесува пак до младиот српски голман на голот на Вардар, тој уште еднаш покажа дека ја држи шансата со двете раце и добро се снаоѓа и со товарот на грб да биде нов Штербик.
И тоа токму против Штербик.
2.„Црните“ пет минути
Не го фати Металург победничката аура ни во „Јане Сандански“. Младиот тим од Автокоманда, привремено домаќин во домот на Вардар, загуби од Татран Прешов и го запиша и третиот пораз во ЛШ во серија.
Не разочараа пулените на Данило Брестовац, само, пак не победија. Добри 45 минути, „црни“ пет минути и крај на приказната. Се борат децата и свесни се и тие и Брестовац што им недостасува и што треба да поправат. Но, одново и одново, Металург го плаќа данокот на неискуството, на погрешни потези и проценки, на ненаучени лекции од минатото кога Металург беше тој што креваше цена и што „пазареше“ на големо кај ривалите.
Потсети Брестовац неодамна на тој „момент“ од минатото што со години му се враќа како бумеранг на Металург, барајќи причина и „чаре“ за проблемите со кои се соочува тимот од Автокоманда.
Товарот е голем, а и притисокот врз грбот на тинејџерите во ЛШ, исто така. Борбата е да се задржи самодовербата и играта со составот во кој евидентно, недостасува сила и како што вели тренерот, уште 1-2 засилувања.
А, кога нема друго, решението е тимски да се пребродат „детските болести“ и да се издржи. До првата победа. После се ќе биде полесно.
3.Ракометарките кренаа глава
Можеби клупска и репрезентативна ситуација и не е соодветна за споредба бидејќи првата лесно се решава со пари, а за втората требаат и пари и време и многу трпение, но ако некој знае колку е мачно на тој пат до победа, тогаш тоа сигурно се македонските ракометарки и селекторот Симе Симовски. Поминаа месеци и години со порази до оној 2 декември 2016 на Фарски Острови. И оттогаш полека тргнаа некако работите напред.
Не е тоа некоја „вселенска брзина“. Реално, не може ни да биде. Не е ни медал ни титула, борбата е се уште за враќање на големите натпреварувања.
Медитеранските игри летово, ја вратија вербата дека не бил залуден сиот труд и трпение со години наназад. Секоја наредна победа, па дури и оние контролните со Италија, за македонската репрезентација се чекор напред и дополнителна самодоверба пред следниот квалификациски циклус.
Она што се издвојува како посебен белег и во женската репрезентација е акцентот на тимот и на тимската игра како единствена добитна комбинација на долг рок.
4.Пелистер се посрамоти, Бутел се прослави
Во неделните збиднувања на домашната суперлигашка сцена, белег на третото коло остави новиот пораз на Пелистер. Или, новата победа на новакот Бутел.
Битолскиот тим со целата традиција и со сите летни засилувања „дури од Габон“, падна пред новиот суперлигаш. Лани Пелистер беше есенски хит во Супер лигата на добар пат да се врати на старите патеки. Но, наместо тоа, пелистерци заглавија во ќорсокак. Сменија тројца тренери, донесоа еден куп играчи и на крај останаа без плеј-оф, загубија чекор со градскиот ривал Еурофарм Работник. И на крај и Бутел им зеде мерка.
Некогаш, не е се ни до буџетот и парите…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА