Шпанецот Роберто Парондо ќе го води женскиот Вардар на Ф4 (многу блиску), догодина машкиот Вардар во ЛШ (најверојатно) и македонската репрезентација на Медитеранските игри (потврдено). Тренерски стаж – една година, шанса за мерак.
1.Македонски за Шпанци
Можеби не се наиграа многу Македонците во проектот „шампионски Вардар“ , ама македонскиот јазик стана хит во ракометна Европа, тоа мора да им се признае.
И сите Шпанци научија македонски, помалку или повеќе. Битно се разбираме. Почит кон земјата во која работат, практично решение и виза за успех. Секоја чест!
Впрочем, и во Унгарија имаше „шпанска ракометна инвазија“, ама не прозбореа на унгарски ни Ортега, ни Сабате, ни Пастор, ни Душебаев, па ни Амброс Мартин. Додуша, сите тие беа докажани тренери со искуство, па тераа по друг систем.
Во Македонија дојдоа оние со „потенко“ тренерско Си-Ви, желни да учат и да се докажат. Шпанците се во принцип „еден оди тројца води“. Македонија пак е „Ел Дорадо“ за странци. Добија зицер – шанса и ја искористија.
Трендот го отвори Раул Гонзалес. Во Македонија дојде познат како помошник на Талант Душебаев, а во изминативе четири години стана „ел команданте“ – научи македонски, со Вардар стана европски шампион, стана селектор на Македонија и тренер на годината во Европа. И доби понуда што не се одбива од ПСЖ…
Македонскиот добро го совлада и Давид Дејвис. Во изминативе години во Вардар му беше „десна рака“ на Раул, го повозе малку и женското „Ферари“ и стигна на клупата на Русија.
Патем, учеа и научија по нешто и сите Шпанци во „црвено-црниот“ дрес. Сега и Роберто Парондо полека, полека, уфрлува по некој збор на македонски додека се објаснува со вардарки и чекор по чекор тера напред во тренерската кариера. До лани беше се уште играч. Дојде во Македонија и за една година стана тренер за ЛШ, помошник на селекторот, а уште малку и сам селектор.
Парондо ќе го води женскиот Вардар на Ф4 (многу блиску), догодина машкиот Вардар во ЛШ (најверојатно) и македонската репрезентација на Медитеранските игри (потврдено).
Е па, тоа е таа тактика „играј сироко“.
2.Препона и задна ложа
На „пошироко“ реши да игра и Раул Гонзалес ама со составот на македонската репрезентација во неделата на ЕХФ. На првиот собир по јанурското ЕП, пред јунскиот бараж за СП, селекторот на Македонија нагласи дека сака да го прошири ростерот, да им даде поголема шанса и полека да ги вклучува во репрезентативен ритам и помладите играчи. Потег за поздравување, во секој случај.
Оти, нели, се може да се случи. Како и што се случува. Логиката на селекторот е дека мора да имаме подготвена алтернатива за непредвидливи ситуации. Како онаа кога се повреди Кире Лазаров на ЕП во Хрватска.
Или оваа сега кога во текот на подготовките отпадна Стојанче Стоилов. Пак препона и задна ложа. Од повредава „уплав“ фаќа. Тамам ќе тргнеме напред и за белја, ќе напукне некоја задна ложа.
Од задните ложи, македонска репрезентација настапи преполовена на контролниот натпревар со Русија. Затворен за јавноста на барање на Кокшаров и на Русите кои во строга тајност во Скопје кроеја тактика како да ја освојат Чешка.
Русите го добија дуелот. Ама, во оваа фаза тоа е речиси и неважно. Македонија и онака беше со преполовен состав, а на Раул баш и нешто не му се битни овие „контролки“. Битен е јунскиот бараж за со Романија и со Чави Пасквал. За место на СП и за одржување континутет на голема сцена.
3.Младоста доаѓа
Македонските ракометни надежи од турнирот во Унгарија се вратија со „девет од девет“. Пет победи за кадетите, четири за младинците. Најважни оние против врсниците од Веспрем.
Селекторот Данило Брестовац е задоволен, потенцијалот полека се покажува на дело, а победите секогаш годат посебно кога е во прашање младоста што доаѓа.
И Брестовац на почетокот на селекторувањето со младите состави, ја фати работата „на широко“ со широк состав „до петти пикер“. Да види што има на располагање. Но, сега по 3-4 настапи, сликата полека се комплетира. На терен најдобро се гледа кој колку вреди. На ЕХФ шампионатите што ги очекуваат младинците и кадетите летово, во националниот тим треба да бидат најдобрите. Ако сакаме резултат и здрава ракометна иднина. Имаме еден од ЕХФ шампионатите на домашен терен во Скопје и убава шанса да блеснат македонските ракометни надежи во полн сјај.
Во идните планови со македонската ракометна иднина, предлог на Брестовац е формирање на „Б“ репрезентација. За да имаат репрезентативен континуитет и оние што се во поширокиот сениорски состав и младите што имаат сениорски потенцијал.
Нешто како што треба да биде и „медитеранската“ репрезентација на Парондо. Македонска идеја со шпанска реализација. Играме широко. Само нека биде успешнo!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА