Македонските ракометари одново ја кренаа нацијата на нозе, сигурни во себе како никогаш досега
1.Растрчана Македонија
Малку на патриотски погон, малку од темпото на брзите Јапонци на стартот, малку повеќе од „тефтерот“ на „ел команданте“, македонската ракометна репрезентација на стартот од СП во Минхен игра како никогаш досега!
Растрчани, полетни, рационални, сигурни во себе, играат и држат контрола во сите 60 минути – ова се само дел од оценките и комплиментите што ги добиваат македонските ракометари деновиве по првите два настапи. И ги заслужуваат од прв до последен.
Македонија секогаш има добар старт на големите натпреварувања. И лани се крстевме во нашите ракометари по чудото што го правеа во првите натпревари во Загреб.
И сега во Минхен ракометарите повторно ја кренаа нацијата на нозе, впрочем, како и секој јануари. Но, она што ја прави разликата на ова СП од сите претходни големи настапи во изминатава декада, е новиот лик и сигурноста што ја има сега македонската репрезентација. Оние што десетина години, а некои и малку повеќе, ја следат најдобрата македонска репрезентација каде и да е, Македонија во Минхен со енергијата можеби ќе ги потсети на оној првиот Вараждин од 2009 или на Ниш-Белград од 2012.
Дел од ликовите се исти, дел се нови. Кире се уште е нашиот „ракометен бог“ , а Борко „министерот“ што им прави „реконструкција“ на противниците, Столе е институција сам по себе и предизвик за сите „на линијата“.
Таа оска Кире-Борко-Столе веќе е заштитен знак на македонската репрезентација. Усовршена со перфекција. Сите знаат кое е најсилното оружје на Македонија, ама оди па сопри го!
2.Генијалноста на Раул
Да, против европските противници во наредните три натпревари дефинитивно ќе биде малку потешко отколку со азиските на старт. Но, во „тефтерот на Раул“ верувам, има многу повеќе од онаа нашата старата „ако не може Кире, подај му на Столе…“
Рационално искористување на силите, шанса за младите, ама реална и поставеност во која секој гризе и се „гризе„ кога ќе пропушти и промаши.
Ако сакате квантитативно, со бројки, тие велат дека просечната старост на „подмладената“ македонска репрезентација на претходнот СП 2017 во Франција беше 29,3 години. Просечната старост на подмладената македонска репрезентација на СП 2019 во Германија и Данска е 27,5 (вчера броено со Кире две години постар).
Квалитативно, во Франција младите повеќе мислеа како да истрчаат да се сменат во „7 на 6“, а сега секој си го знае местото, задачата и обрската во системот, кој функционира прецизно, по „тефтерот на Раул“.
Уште еден битен момент е самокритичноста што ја слушаме деновиве од најстариот до најмладиот и цврстото приземјување – добро е, ама може да биде и подобро. Ако стегнеме во одбраната, ако бидеме порационални во нападот, ако разумно ги распоредиме силите. А, за тоа на Раул секој му симнува капа.
3.Од Келн до Токио
Македонија денеска ја очекува нов предизвик во Минхен – Хрватска и Лино Червар. Рејтингот и досегашната традиција е на страната на „коцкестите“, но четата на Лино не е силна како порано. А, Македонија, нели е растрчана, скоцкана, подмладена, подготвена и мотивирана.
Шансата е пред нас. Хрватска не е Бахреин, не е ни Јапонија. Но, влогот е „прва меч топка“ за втор круг и можеби прв чекор за олимписки квалификации за Токио.
Играјте за МАКЕДОНИЈА!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА