СЕДМЕРЕЦ: Извинете, не знаевме дека сте шампиони!

Екипа

Така некако ќе дојде „француската“ победа на Вардар против Монпелје на стартот од новата сезона во ЛШ

1.Можеби е до инаетот, а можеби и не е...

Кога ќе испаднеш најтежок таму каде што си „најтенок“ и тоа против најсилниот, тогаш дефинитивно, победата не е само „пуста среќа“. Вардар сменет, преполовен и недокомплетиран го победи Монпелје среде Франција. Стариот го победи новиот шампион како најава за уште една добра сезона во Лигата на шампионите.

Монпелје и Канаје колку што беа силни пред некој месец на подиумот во Келн, толку беа немоќни во саботата против мирната, рационална  игра на вардарци. И против Дејан Милосављев на голот.

Младиот српски голман, ај што го носи товарот да биде, ни помалку, ни повеќе – нов Штербик, неочекувано мораше да биде и „еден“ и „два“ меѓу стативите на стартот од сезоната. И ретко кој очекуваше дека токму новакот во големото друштво, во голем стил ќе го реши европскиот шампион.

Малку кој, а можеби и никој не веруваше ни дека Роберто (Парондо) уште во своето тренерско деби во ЛШ „ќе стане“ Раул (Гонзалес). И ќе го надигра и ќе го победи две и пол децении тренерски поискусниот Патрис Канаје.

Вардар и во овој нов состав, сезоната ја отвори – шампионски!

За инает, или не, победата е убава.

2.Металург  во Лисабон „на матура“

Ќе беше идеално ако првиот викенд во ЛШ, Металург го комплетираше со уште една гостинска победа и со „два од два“ на нашите во ЛШ. Но, тинејџерите од Автокоманда останаа за малку покуси во второто полувреме против ветераните од Лисабон. Дуелот го загубија, но Танкоски, Серафимов, Томовски… и останатите во составот на Металург, заслужуваат честитки за играта, за храброста, борбеноста и пред се, за дисциплината.

Ако новиот Вардар го испративме во Франција со страв и со резерва „тешко без Штербик, Раул и останатите“, „децата“ од Металург кога тргнаа за Португалија, онака млади, неискусни и плус десеткувани, однапред ги прежаливме.

Дури и оптимизмот на Данило Брестовац во целата ситуација и со 13-та на список, звучеше повеќе како „кураж“  за ракометарите.

Нема да не надиграат…“, гарантираше Брестовац пред своето тренерско деби во европската ракометна елита.

И, испадна навистина така!

Со сите пехови и проблеми младиот состав на Брестовац во првото полувреме со Спортинг одигра тактички зрело, мотивирано, со желба и елан што дава надеж дека Металург пак, по кој знае кој пат, ќе биде како „феникс“ со својот младински погон.

Спортинг го победи, ама не го надигра Металург. Металург покажа дека има потенцијал во најмладиот состав досега, кој, како што милуваа да повторат коментаторите, од противникот, во просек, го делеше цела една деценија. Да беа комплетни и со малку поголем ростер за ротации, со ваква игра сигурно и резултатот ќе беше многу подруг.

После викендот во Лисабон, неминовно се наметнува една работа. Доцна е да се жали по тие што заминаа и да се претпоставува што ќе беше ако останеа. Но, не е доцна за останатата „младината“ во Металург која дефинитивно заслужува целосно внимание и малку повеќе од оној легендарен „топол оброк“.

За да биде пак се како што треба и како што доликува на сериозен клуб со сериозен спонзор.

3.Французите се олабавија, гостите се разиграа

Освен дуелот на шампионите во кој Вардар му зеде мерка на Монпелје, стартот на новата сезона донесе уште неколку, помалку или повеќе, неочекувани разврски и резултати.

Јунската слава во септември им се удри од глава на двата финалисти на годинашниот Ф4 во Келн. И шампионот Монпелје и вицешампионот Нант останаа со празни раце по првото коло, и тоа на домашен терен. Вардар му „врати“ на Монпелје за поразот во Келн, а Фленсбург му приреди германска одмазда на Нант.

Честа на француската тројка на стартот од ЛШ ја спаси само Раул со ПСЖ кој се врати со победа од дуелот со Мотор во Украина.

Статистички, не само на Французите, туку и на другите домаќини не им тргна најдобро сезоната. Во шест од осум натпревари од „горните“ А и Б групи и во еден од долниот ешалон, победи славеа гостинските екипи. Од „големите“ само Рајн Некар Левен и „едвај“ Веспрем, ги собраа бодовите на домашен терен.

Да не беше Штербик да го спаси Веспрем, можеше многу лесно Талант Душебаев со Кјелце да му го загорчи тренерскиот леб на Љубомир Врањеш. И, тоа со пола состав, „по број“ нешто како Металург.

Онака, од престиж и помалку од инает.

Се вчитува...