Фрчат победи на сите страни, која од која позначајна – Металург „порасна“ во Русија, Вардар голем против Барселона, вардарки блескави во Германија… Македонија со перфектни „три од три“ во ЛШ!
1.Металург може и без Червар
Младите „металурзи“ од Русија ја донесоа првата гостинска победа во Лигата на шампионите сезонава. Она што го испуштија минатиот викенд во Украина, го наплатија во Русија. И колку сака нека се Чеховски медведи „аутсајдер во криза“, победата на Металург тежи и вреди. Оти, ни во Автокоманда, во последниве 2-3 години, многу баш не „цветаат рози“, па децата сепак растат и победуваат.
Металург и без Лино Червар на клупата, прв пат сезонава врза две кола без пораз во Лигата на шампионите – реми со Мотор и победа со Чеховски медведи како надополнување на претходниот триумф против Спортинг.
Што е уште поважно, грешките беа брзо детектирани и ескпресно санирани, играта прецизна, тимот полетен и мотивиран. Без притисок и со кренати глави. Можело и вака…
И додека Червар посветен на Хрватска „кова“ тактика како да ги однесе „коцкестите“ до европското „злато“, Александар Јовиќ покажа дека е достојна замена на клупата на Металург и од „мачињата“ направи „лавчиња“.
Можел Металург и без Червар, нема потоп!
Иако, да биде „фер и коректно“, има тука и „маго“ своја заслуга. Негова е основата и „младинската концепција“ на Металург, каква и да е позадината на „проектот“.
Но, новото издание на „металурзи“, играта, свежината и довербата е со Јовиќ на клупата. Тој имаше храброст да му ја даде топката за седмерец на Мартин Серафимов и „малиот роден во новиот милениум“, да „запука“ три гола и да влезе во историјата како втор најмлад стрелец во ЛШ. Јовиќ имаше храброст и да го седне Дарко Арсиќ на клупата и да го стави во оган младиот Мартин Томовски. И, тој со своите 20 години, да го реши мечот!
Е, тоа веќе отвора и една друга тема.
2.Нови деца, стари маки и навики
Зошто младиот голман на Металург го нема таму каде што заслужува да биде – во составот на македонската репрезентација?!
Ќе „билдаме“ искуство и континуитет на младата генерација што доаѓа или репрезентацијата пак по старо ќе тргне во „крив правец“ и ќе билда „си-ви-а“ по „пријателска основа“.
„Детето“, со сите доблести и маани, е најталентираниот македонски голман од новата генерација. И брани во Лига на шампиони. Крај на приказната. Чист критериум без „емоционални празнења“.
А, новиот селектор или ќе биде вистински „ел команданте“ или ќе се прави „Француз“, ќе видиме набрзо. Оти, подмладена репрезентација со Талески и со Кузмановски имавме уште од времето на Обрван, така што тоа веќе и не е подмладување. Долг список и куса клупа и „репрезентативци“ кои никому не штетат, а уште помалку користат, промовираше Червар, па стигнавме до „високото“ 15.место на СП.
Раул Гонзалес немаше многу време, ама покажа карактер во првата акција како селектор на Македонија. За втората веќе има и време и простор за своја визија и концепција. Арно ама, списокот за првиот собир пред ЕП, носи неколку „прашалници“ и „чудилници“. Зошто?! Нема потреба…
3.Еднаш среќа, два пати веќе е лекција
Вардар е европски шампион и „гази“ сигурно во одбрана на титулата. Има „капитaлец“ во Арпад Штербик на голот, генијалец во Раул на клупата, моќен тим и игра за респект. Еднаш да ја победиш Барселона може да биде „на среќа“. Два пати за пет месеци веќе е моќ и респект. Го призна тоа спортски и вечниот Чави Пасквал, откако по втор пат годинава мораше да му пружи рака и да му честита на нашиот Шпанец, Раул Гонзалес.
По пет кола,Вардар е непоразен на врвот во својата група во ЛШ. Можеби македонскиот шампион не е „институција“ како Барселона на пример,или поим како Кил, но веќе е страв и трепет и тим со респект против кој големите некогаш однапред запишуваа, а сега отпишуваат бодови.
Во новата сезона во Европа, моќен старт има и женскиот Вардар. Две победи, две моќни изданија и на домашен и на гостински терен и јасна порака од вардарки дека сезонава, ако се биде како што треба, ќе возат во полна брзина до подиумот во Будимпешта.
4.„К’пење“ во Порто
Во овој за Македонија, неверојатен викенд полн со ракометната гордост и со она помалку „чаламџиско“, не злонамерно „газиме низ Европа“, малку не спуштија на земја двата убедливи порази на Охрид во ЕХФ Купот и вкупните -35 на двојното гостување во Порто.
За тимот кој стартуваше од нула носен од огромниот ентуазијазам на оние што со децении живеат со ракометот, огромен успех беше и пласманот во Европа и дебитантскиот триумф против Волендам во првото коло. Порто реално, веќе беше преголем залак. Иако, -35 е малку повеќе од она што би било реално очекувано.
Ама, охриѓани барем ја почувствуваат европската сцена, а што е право , и се „иск’пија“ во Порто. И документираа.
Кај било охриѓанец па да не влезе во вода. Не бидува.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА