СЕДМЕРЕЦ: Кога Раул ќе стане Вујо!

Екипа

Вардарци загубија во Нант, а Французите го видоа „ел команданте“ и во друго издание

1.Што го налути Раул Гонзалез?

Вардар загуби од Нант. Ништо страшно. Загуби и ПСЖ од Мешков Брест, па никому ништо!

Имаат залиха и лидерска позиција, може да си дозволат и по некој пораз. Не е загубена ни првата позиција ни шансата за директно четвртфинале. Иако, нормално, се навикнавме на победи на „црвено-црните“ и на онаа посебна доминација на шампионот – тактичка, физичка, ментална… без разлика каде и со кого играат. Па малку чудно ни падна онаа инфериорност во Нант, -7, -8! Не сме навикнати, не за друго. Проработува македонскиот феномен.

Се „разбудија“ вардарци во финишот колку да видиме дека Нант е добар, ама не до толку. Сепак, малку задоцнија и отиде мечот! Заедно со математиките на Тиери Анти, што не ги прави, ама ги прави.

Скокна и Раул од клупата. Не сме го виделе „ел команданте“ во такво „а ла Вујо“ издание. Ни ние, а богами ни Французите што го чекаат налето во Париз. Што го налути толку, вообичаено мирниот Шпанец што никогаш не се вади од такт и не подига глас?! Па дури ни селекторски кога загубивме добиен натпревар за четвртфинале на ЕП…

Во Нант, Раул „скокна“ на исландските судии кога од дуелот на Дибиров и Балагуер „извадија“ седмерец за домаќините.

Дали Шпанецот од Нант фаулираше во напад или Русинот од Вардар сечејќи го „цепелинот“ влезе во забранетиот простор… тоа најдобро знаат Исланѓаните.

Дали тој седмерец на три минути пред крај беше баш тој клучниот за поразот на Вардар кој во другите 57 минути немаше ни „глава ни опашка“ и тоа не се знае.

Ама битно, видовме дека и Раул може да биде Вујо! Па макар и на неколку секунди…

2.„Плеј сироко“, ама не оди…

На „францускиот“ викенд, лошо поминаа и вардарки во Мец. Ама таму пак го видовме Парондо како Раул?!

Вардарки, по традиција, во Мец лошо си поминуваат. Лани беа шокирани со катастрофални -14, годинава со прв пораз по рекордни девет победи во серија. Не се веќе непоразени, ама и тие како и машките колеги од „црвено-црното“ семејство имаат доволно залиха за лидерска позиција во групата.

Залудно Амендин Лејно изгина на француски терен. Кога не оди, не оди. А, се обидуваа вардарки, не дека не. Ирина Дибирова кога загусти, му ја препушти палката на Роберто Парондо, а Шпанецот се обидуваше како знае и умее да ги врати во ритам. Се обиде и во „Раул стил“ малку на македонски да им објасни „плеј сироко“. Па на тајм-аутот на цела мака, измами и по некоја насмевка кај ракометарките, додека онака со дигнати веѓи се обидуваа да ја „преведат“ тактиката од англиско-шпанско-македонскиот на српско-хрватско-црногорско-словенечки. Таму, во Франција…

3.Македонците и ракометот

Едно истражување на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за приврзаноста кон националните спортски репрезентации, покажува дека граѓаните на Македонија најмногу се идентификуваат со ракометот, помалку со кошарката и со фудбалот.

Докажано со бројки и со факти. Не е само чудо за две недели во јануари или Ф4 еуфорија во мај-јуни. Македонија го сака ракометот, заради успесите, но и заради традицијата на овој спорт на овие простори.

Ама има тука и еден посебен македонски феномен.

„Кога нашата национална селекција ќе победи, коментарите на нашите граѓани се „ПОБЕДИВМЕ“. За разлика од тоа, кога таа иста национална спортска репрезентација ќе го загуби натпреварот, коменаторот на истите поддржувачи е „ЗАГУБИЈА““ – забележано е од професорот Иван Анастасовски.

Е, за тоа не може да се најде рационално образложение или објаснување, дури ни во научно истражување. Ни на репрезентативен, ни на клупски план. Освен дека Македонија сака победи и успеси, репрезентативни или клупски, сеедно. Впрочем, кој не сака!

Се вчитува...