СЕДМЕРЕЦ: Колку пари – толку ракомет!

Екипа

Ако „секнат“ парите во Вардар, „капетан Раул“ и добар дел од шампионскиот тим ќе си ја бараат среќата во нова средина…„Металурзи“ лани беа на „топол оброк“, но сега има и за „јагањац“

1.Од Вардар заминувам, селектор останувам

Објавата на Сергеј Самсоненко дека по оваа сезона го напушта Вардар ги натера и вардарци со време да си го бараат „чарето“. Што е нормално и очекувано во ваква ситуација. Во професионалниот спорт одамна веќе никој не игра за „топол оброк“. Освен понекој тука-таму.

Најавата од газдата на клубот вардарци ги затекна во незгоден момент, пред почетокот на новата сезона. Тоа пак носи цела сезона незивесност и по малку нервоза од она „што ќе биде за понатаму…“

Тренерот Раул Гонзалес јасно си кажа дека од идната сезона ќе си замине од Вардар „поради најавата на вардаровиот спонзор дека нема повеќе да инвестира во Вардар“. Но, Гонзалес потврди дека и ако замине од Вардар, ќе остане селектор на македонската репрезентација и ќе го испочитува до крај договорот со РФМ. Досега човекот секогаш бил од збор. А, и договорот сега сигурно веќе нема „член 2“ како оној претходниот.

 „Капетан Раул“ најави дека чесно ќе си го одработи и селекторскиот договор, па вртлогот во Вардар, барем засега, ќе ја одмине македонската репрезентација без последици.

Ете, на крај уште и ќе испадне добро што македонските репрезентативци во редовите на шампионот се бројат на прстите од пола рака.

2.Нека трае додека трае…или?!

Вардарци за неколку дена ги очекува настапот на Супер Глоуб во Катар и првиот посериозен тест во пресрет на сезоната полна со неизвесност во која ќе бранат четири титули. Дали потегот на газдата ќе биде шок-терапија за „црвено-црните“ или сезоната е однапред загубена, останува да видиме. Прво во Доха, а потоа од натпревар во натпревар во СЕХА и во ЛШ.

Прв тест пред новата сезона, неделава ќе има и женскатa екипа на Вардар. Вардарки од среда се домаќини на силниот турнир на кој доаѓаат Будуќност, ЧСМ Букурешт, Ростов… За разлика од разбрануваната ситуација во машкиот Вардар, во женскиот Вардар навидум, многу помирно се носат со новонастанатата ситуација и најавата дека газдата се повлекува. Од „црвено-црните“ девојки во јавноста досега не излезе ниедна изјава од типот што ќе правиме ако си отиде газдата, ниту пак најава дека некој си оди или ќе си оди.

Онака, од женски агол гледано, обично жените знаат многу поприсебно да се носат со непредвидени ситуации. Па, или е „нека трае додека има“, или со женска интуиција стигнале до некоја подруга информација, па мирно си ја тераат работата. Тука никогаш не се знае…

3. Од топол оброк на „јагањац“

Металург купува играч од ПСЖ. Ај, после некој нека каже дека нема пари во Автокоманда, и дека играчите играат за „топол оброк“. Со ПСЖ сигурно не прават трампа за порција грав!

Добро сега, Металург од ПСЖ не го купува Карабатиќ или Хансен, туку кадетскиот хрватски репрезентативец, Халил Јагањац, кого Лино Червар како хрватски изборник го токми и за сениорскиот состав на „коцкестите“. Јагањац замина во Париз како голем талент, но во изминатата сезона, 19-годишниот лев бек настапуваше за втората екипа на ПСЖ и не се наметна во ѕвездениот париски клуб, па Червар реши да го земе под свое во Металург. Во Автокоманда, Јагањац е најавен како големо засилување и решение на проблемот на бековската линија каде, како што потенцира Червар, на Металург му недостасува „вистински шутер-разбивач“.

Реализацијата на трансферот на Јагањац „запна“ на обесштетувањето што го бара ПСЖ за младиот Хрват со кого во 2016 година потпишаа тригодишен договор. Според медиумите блиски до клубот од Автокоманда, една од опциите за Металург беше да го плати Јагањац со обесштетувањето што треба да го добие од Висла Плоцк за Немања Обрадовиќ, официјално-неофицијално, околу 50.000 евра. Но, тоа се пролонгира, па за реализација на трансферот наводно е најдено друго решение и Хрватот деновиве треба да му се приклучи на Металург.

За кого нема, нема. За „вистински шутер-разбивач“ мора да се најде.

Се за добро „македонског рукомета“, не за друго…

Се вчитува...