СЕДМЕРЕЦ: На кафе во Веспрем…пари или злато?!

Екипа

Металург „испи“ едно горко кај унгарскиот шампион, па ги фати магла, вардарци се „заблажија“ со три победи, а „колачето“ за оваа седмица беше првото место на СП за цепелинот „Кире-Деки-Кире“…

1. Тој што знае, победува и кога не игра

Убаво си кажа Давид Дејвис лани, женскиот Вардар е како Ферари! Вози на сигурно кон Будимпешта. Вардарки ја прокнижија седмата победа по ред во Лигата на шампионите. После големиот триумф против Будуќност во Подгорица, во малку послабо издание, во Скопје падна францускиот Мец.

Тој што знае победува дури и кога не игра добро. Ама, и за тоа, треба да знаеш и да можеш. Вардарки знаат, можат, имаат искуство, енергија во тимот и сили во резерва. И си вози Ферарито…

Машкиот Вардар не е Ферари, ама и тие си возат на сигурно низ СЕХА. Две победи, прво со Нексе, а потоа и со Горење, за „пол позиција“  на вардарци во регионалното друштво, но и за загревање на моторот пред продолжението на групната фза во ЛШ и битката за Келн.

2. Имаат се, нека играат!

„Црвено-црната“ рапсодија на почетокот на февруари ја расипаа само младите вардарки во Челинџ купот. На гостувањето во Швeдска, Вардар СЦЈС не само што изгуби со -13, туку дозволи и шведскиот Хорс целосно да ги прегази.

„Имаат се, нека играат!“ , им напиша еден од навивачите по натпреварот.

Нека играат, оти „пат во Шведска“ не чека и со женската репрезентација во јунскиот бараж за СП 2017. Повеќето од репрезентативките се тие истите што играат за Вардар СЦЈС. Ист е и стручниот штаб на клупата.

3. Кафе, пораз, магла…

И Металург ја почувствува горчината на поразот и „газење“ од противникот во првиот натпревар по зимската пауза. И на крај уште и скопската магла им го сврте летот…

Додуша, на „металурзи“ им се падна да почнат со „Веспрем фаворитот“, па поразот донекаде беше и очекуван, иако Унгарците играа без половина тим. Ама, разочара (не)играта на Металург. Филип Талески замина кај „лавовите“ во Рајн Некар Левен, па лидерската улога во нападот повторно е кај другиот Филип.

Кузмановски се врати на терен по повредата на дланката и повторно ја има довербата да ја води играта. Сега на „казнената позиција“ втор пикер во оние фамозни „7 на 6“ игра Немања Обрадовиќ. Така „му падна паричката“ на несудениот Македонец во „експерименталната“ концепција на играта. Треба да се покаже како „играч што може се“ заради пасошот…Ама, и да си „плати“ за зимскиот излет во Полска.

Си „плаќаше“ пред него и Талески што отиде во Германија и Кузмановски кога го бараше пола Европа по настапот во Полска…Сега дојде редот и на Обрадовиќ да се покаже на пикер. Кој му е виновен на српскиот бек што отиде да преговара со Висла!

Е, па сега, и тој ќе блокира наместо да шутира.

А, поразот на Металург? Па, ни прв ни последен. Десетти во СЕХА годинава…

И после паѓала магла. Па ќе паѓа, февруари е.

4. Најжешката зимска тема

Ама кој да мисли сега на СЕХА, кога Хрватска уште нема селектор! Па, во Веспрем побитно беше кафето што го пиеше Лино Червар со хрватските репрезентативци отколку поразот на Металург! Ревносно „до капка“ го проследија и Хрватите, а, богами, и ние.

Зимава „најжешка“ тема и дилема, од Загреб до Скопје, е дали Лино Червар ќе се врати во Хрватска или ќе остане во Македонија. Дали со Хрватите ќе ја пее „лјепа наша“ на европскиот подиум, или со Македонците ќе се бори за „својте правдини“ …и за парно во Богданци?

Едни влечат на север, други на југ. Го растргнавме „маго ди Умаго“!

Што е подобро – пари или злато? Тешка дилема!

Да нема забуна, парите се кај нас, златото она европското догодина е на другата страна од вагата. Барем така велат Хрватите. Тие извадија колку се селекторските плати, колку дава богата Македонија, а колку може да понуди европска Хрватска…

Не дека ние не знаме, ама парите кај нас уште се табу, па секој си бега од белјата. Да не биде од мене “да излезе“ колку е платата на селекторот…и колку не чини 15-то место во Франција и „роуд шоуто“ во Македонија.

И, нека избираат Хрвативе побрзо селектор, ќе снема кафе…

5. Феноменот на феноменалните

Духот на јануарскиот мундијалот се уште не држи и во февруари. Ако ништо друго, со „левицата“ на капитенот барем сме први на листата на стрелците. И го имаме најубавиот од сите 4.643 гола постигнати на оние 84 натпревари на СП во Франција. Феноменалниот цепелин „Лазаров-Манасков-Лазаров“  остави белег на мундијалот со „феноменален ракомет“!

Не е мала работа. Не е ни неважна. Феноменална е!

Само, не е нова и не е изум на „новата Македонија“.

Кире и Деки одамна се феноменални! А цепелинот им е специјалитет на репрезентативното мени. Колку да се знае…

Се вчитува...