Се надмудруваа долго Вардар и Рајн Некар, Раул и Јакобсен, но Штербик го имаше последниот збор.
1.Арпад Штербик – нема дилема
Вардар останува неприкосновен и единствен непоразен во Лигата на шампионите, а Арпад Штербик најголем меѓу стативите. Европскиот шампион го реши Рајн Некар Левен во Скопје и се враќа со бод од „шаховската партија“ во Манхајм. Последниот збор, нормално го имаше Арпад Штербик.
Онака „мртов ладен“, очи в очи со Гвардиола во последните секунди му го одбрани „зицерот“ како од шала.
И бодот на Вардар, но и приматот „непоразени“.
Да се знае кој е главен во ЛШ.
И уште еднаш, по кој знае кој пат, искусниот Штербик покажа дека голманот е половина тим, а некогаш, ако не и две третини. И дека таму меѓу стативите е столбот на кој се темели неверојатниот успех и европската супериорност на „црвено-црните“.
Како за инает, да биде маката на навивачите уште поголема, на се погласните шпекулации или најави кои чекаат само официјална потврда, дека од следната сезона Вардар веќе ќе го нема Штербик на голот. Дека ќе биде исто, нема да биде тоа им е повеќе од јасно дури и на оние што ја ставаат „главата во песок“, надевајќи се дека „убавата приказна“ ќе трае вечно, а трансферите се дело на душманите.
Може(ше) ли Вардар да одигра поинаку и да го задржи „капиталецот“ на голот, кога веќе и офцијално го испуштија „капиталецот“ од клупата? Или и едното и другото и оние третите најавени заминувања имаат еден заеднички именител – неизвесност и намален буџет во најава.
Точниот одговор е таму некаде во „Јане Сандански“. Се друго е мудрување на јавноста.
2.Против Раул не се игра „7 на 6“
Поучен од минатонеделната скопска лекција, Николај Јакобсен за домашниот, втор дуел со Вардар реши да ја смени тактиката. Сфати Данецот дека Раул ефикасно го лови „седмиот“ во напад и дека против одбраната на Вардар, „7 на 6“ и не е баш толку генијално ефикасно, па, ја батали тактиката „за послабите“ и излезе „гради во гради“ против европските шампиони. И во Манхајм беше многу поблиску до победа отколку во Скопје. А, ракометна Европа уживаше во вистински „машки“ дуел, тренерско надмудрување, речиси беспрекорни одбрани на двете страни, голмански моменти, фокус на дефанзивата што логично носи помалку голови, но повеќето од нив мајсторски изведени.
Пред бројните македонски навивачи во „САП Арена“ против македонскиот шампион, во дресот на Рајн Некар Левен шанса доби и македонската надеж, Филип Талески. И коректно си го одработе својот дел во машинеријата на „лавовите“.
На другата страна, нападот на Вардар пред одбраната на „лавовите“ беше под својот вообичаен просек. Се врати Циндиќ, но Борозан остана „неутрализиран“ по бомбастичното издание во Скопје, а остана и впечатокот дека Раул сочува дел од арсеналот на „црвено-црните“ на клупата во резерва.
Надмудрувањето интересно, силите сочувани, мисијата исполнета и со тој еден бод од Манхајм. Не е без ич.
3.Каде е виновникот – на терен, на клупа…или на трибини?
И додека Вардар непоразен се надмудруваше со Германците, Металург со „техничка поддршка“ од Лино Червар на трибини, мудруваше како да излезе од поразителната серија. Наместо тоа, „металурзи“ тргнаа уште една „рецка“ кај поразите и прегазени од Мотор Запорожје, ја завршија домашната сезона во ЛШ.
Бараше Александар Јовиќ поддршка и разбирање за младиот состав на Металург, но после натпреварот и нему „му пукна филмот“ па ги прозва дел од играчите што даваат премалку, а добиваат премногу. Шанси, се разбира.
„Металурзи“ покажаа дека можат и повеќе од ова бледникаво издание во последните 4-5 натпревари во кои наместо голови се бројат минутите до крај. Под водство на Јовиќ одиграа 3-4 натпревари кои одново ја вратија надежта дека и овој најново подмладен Металург може да застане на нозе. Ноемвриската поразителна серија, сепак не остава простор за некој голем оптимизам.
Играчите имаат свое оправдување. Велат, пак нема плата. Но, за разлика од Јовиќ, од тие на терен ретко кој излегува со „јавна прозивка“ за парите и проблемите.
Во мудрувањето, каде е всушност проблемот на Металург, некои го најдоа и таму на трибините, во дефинирано-недфинираниот статус на Лино Червар кој официјално се уште е прв тренер на Металург, ама сега отсутен на подолго време, посветен на изборничката мисија во Хрватска. Автокоманда е во менторско-советничка резерва, а „металурзи“ се во привремена состојба.
Или што би рекол, еден хрватски колега, работава е како „подгреана супа“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА