СЕДМЕРЕЦ: Надеж во минус

Екипа

Седум натпревари – седум порази и 117 гола во минус за македонските младинки на ЕП (У19). Малку многу…

1.Двоцифрено разочарување

Како ладен туш на +40 не отрезни деновиве настапот на младите македонски ракометарки на Европското првенство (У19) во Словенија. А, убаво си почна ова жешко ракометно лето. Младинците од Алжир ни ја кренаа температурата и еуофоријата. Гордо ги броевме победите и головите и чесно му се израдувавме на големото четвртфинале и на „историското шесто место“.

И, тамам здивнавме дека „Македонија со ваква младина не треба да се грижи за својата ракометна иднина…“, кога стигна женскиот „ладен бран“ од Словенија.

Младинките заредија порази, сите двоцифрени со 2-ки напред. Четири по ред во првите четири натпревари.

Не е трагедија да се загуби од посилен од себе. Ама ако се загубат сите седум натпревари, од кои пет со двоцифрена разлика и ако на крај си убедливо последен со 117 гола во минус, е тоа веќе е оправдано загрижувачки.

2.Има ли надеж во надежите?

Во ракометна Македонија, женскиот ракомет „каска“ веќе со години. Сениорките беа пет години без победа. Конечно, го скршија мразот во ланските  квалификации на Фарски Острови, но, реално, се уште се многу далеку од настап на големите натпреварувања.

Младинките некако ги минаа скопските квалификации со Фарски Острови и Молдавија, загубија од Унгарија, ама битно се пласираа на ЕП (У19) во Словенија. Тие -15 од Унгарките тогаш ги занемаривме како „небитни“.  Арно ама, не биле баш небитни, туку биле битен аларм дека младинската репрезентација ни е во „крив правец“.

Има ли надеж во женските македонски ракометни надежи? Според овие резултати, не многу. Ако ги занемариме и овие пет двоцифрени порази, без здрава анализа и одговорност, надеж за иднина ќе има уште помалку.

Со површни заклучоци, од типот слаби ни се клубовите и лигата, ништо нема да се реши за понатаму. Факт е дека поголем дел од репрезентативките доаѓаат од Металург и од Вардар СЦЈС, двата водечки клубови.

Колку и како играат овие млади македонски ракометарки таму?

Факт е и дека ракометните школи или академии се полни со млади ракометарки. Но, кога девојчињата треба да станат вистински ракометарки, е, тогаш резултатите ни се  -117!

3.Од „Кале“ до Чиле

ЕХФ – шампионат за ракометарки до 17 години, или група во кадетско првенство во Б дивизија, отприлика, не е некој настан за „насловници“ по кој се потресува јавноста. Но, за овој скопски ЕХФ-Шампионат пишуваа многу европски, па дури и еден спортски портал од Чиле!

Спектаклот не беше во кадетскиот ракометот туку во политичката драма во „Кале“. Репрезентацијата на Грција дојде во Скопје, ама одби да игра против домаќинот на шампионатот оти на тренерките им пишувало Македонија!

Политичарите две децении не го решија проблемот со името, па сега се фатија да го решаваат грчките кадетски репрезентативки и нивниот стручен штаб!

Ама политиката во спортот никогаш не била најсреќно решение, а, не беше ни бојкотот на грчката репрезентација во „Кале“ . Македонија пак си играше како Македонија, а Грција доби казна од ЕХФ.

Ама, барем за „Кале“ се слушна до Чиле.

И, да, македонските кадетки малку „освежија“ ситуација за разлика од двоцифрената брука во Словенија. Кадетките прославија две победи плус една службена со Грција и на крај беа четврти во оваа конкуренција, а Марија Тасевска заврши во ол-стар тимот.

Добро, сега, имаа и кадетките една со -17 од Полска, ама тоа е од „лошата седмица“. Да се надеваме…

Се вчитува...