СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ – Ден 2: Имаме доктор, јеее…Појма немам

Екипа

1. Тренерките и тактиката

После победа полесно се дише на крај од првиот мундијалски ден. Го „решивме“ Тунис и им се осветивме на Тунижаните за оној пораз во Гдањск и за „олимписката депресија“ што не мачи десет месеци.

Конечно, и нас еднаш да ни се „отвори небото“! Селекторот ги среди тактички, капитенот „пуцачки“, Столе боречки, Деки летечки,  Благојче дебитантски…

Има тука и малку новинарски удел во „обработката на противникот“. Ние ги фативме „соседите“ уште рано сабајле на „шведска маса“. Со тренерки и македонски дресови.

Кај да се свртат низ хотелот,  Македонија им беше пред очи. И на крај им се стемни. Нека „патат“ сега Тунижаните од „македонска депресија“, да видат како е.

2. Изјави на денот

Кире Лазаров со 12 –та беше „man of the match“, а Столе Стоилов и Дејан Манасков ја делат онаа неофицијалната награда за „изјава на денот“. Всушност, вчера по победата имавме три изјави на денот. Столе води со 2-1.

Изјава прва:

Колегата од МТВ, го прашува Столе Стоилов: Како го направивте пресвртот?

Столе, онака во свој стил му вели: Појма немам!

Изјава втора:

Го прашуваме Дејан Манасков: Како ти е ногата?

Вели: Добро e, нема ништо

Некој додава: Да те види докторот…

Манасков се врти и застанува: Имаме доктор! Јеее….

Изјава трета (Столе 2):

Некој од новинарите на прес-конференцијата после Тунис: Се сомневавте ли во тактиката 7 на 6?

Столе во свој стил, искрено ко од пушка: Не еднаш, стопати се посомневавме во таа тактика на селекторот!

А, потоа му се врти на Червар и прашува: Да не кажав нешто што не треба?

Червар: Не, не се е како што треба…

Спонтано и нормално, да не биде се формално и здодевно. Па победивме бре луѓе, може малку и да се насмееме!

2. Скалите, Вујо и Словенците

Првиот ден на првенствата секога е најтежок. Ај, што фаќа познатата нервоза пред натпревар, туку треба најбрзо што може да се проучат и сите скали и ходници и да се најде најкраткиот пат од сала до микс-зона и назад во прес-центар. Нормално, откако прво ќе се пробие патот до новинарското бифе, сместено во ходникот меѓу два тоалети!

И така, по победата на Словенија против Ангола, трчаме со словенечките колеги да го фатиме Вујо во микс зона, а домаќините велат – не може!

Џабе се објаснуваме дека ќе ни замине Вујо мајсторе ако не не пуштат по скалите. На крај попуштаат Французите на балканската новинарска упорност.

Сега со Словенците на шега го славиме секое триумфално симнуваме по изјави во микс-зоната.

А, Вујо како Вујо. Го прашуваме како и ние да ја победиме Ангола онака, убаво двоцифрено.

Со насмевка ни вели:  Играјте како Словенија!

Многу едноставно, Вујо мајсторе.

Се вчитува...