1. Ние или Словенците, Вујо или Лино?
Петти ден на СП во Франција, трет натпревар за Македонија. Дојде денот што со нетрпение го чекавме уште од ждрепката кога дознавме дека на СП ќе играме против Словенија со Вујо на клупата.
Едни велат ќе биде „мирoљубиво“, други дека ќе „пука“ на сите страни. Изјавите пред натпреварот се умерени и „измерени“ и од едните и од другите. Ама крвта врие пред балканското дерби во Мец.Кој победи тој обезбедува осминафинале и мирна завршница во групната фаза. Кој загуби ќе бара нова шанса и ќе му „гори под нозете“ во последните две кола.
Од првите два натпревати и двете репрезентации имаат по максимални четири бода. Но, реално, она вистинското доправа доаѓа.
Пред вечерашната „балканска грмотевица“ овде во Мец е се мирно и тивко. Дури и премногу.
Ракометарите си тренираат и се подготвуваат повлечени во мирот на Амневил.
Новинарите си пишуваат.
Во Мец си врнеше снекче. А, сега блесна сонце.Вистинска француска зимска идила.
Ама, вечер кога ќе згрми!!!! Ќе се тресе „Мец Арена“. Премногу балкански темперамент на квадратен метар. Како да биде тивко!
2.Оди па победи…
Не знам дали навистина сме толку малери, или други им се маките, ама соседиве наши никако да победат! Дури и тој меѓусебниот дуел меѓу Исланд и Тунис вчера остана на нерешено.
Додуша, ние навивавме за оние од трети кат, оти некако удривме пресметка дека нас повеќе ќе ни одговара Исланд да победи… А, и Јохана од собата од спроти ми стана другарка додека заедно „фаќавме“ wi-fi низ ходникот во ситни саати.
Ама ништо. Сигурдсон и другарите не успеаја против Теж и другарите од први кат.
На терен беше жестоко, прво едните па другите имаа топка за победа и на крај – нерешено. Проклетството од „Mercure“, се шегуваме ние.
На враќање од сала по тренингот на нашите, ги затекнавме Тунижаните и Исланѓаните во холот, заедно си ги гледаа Франција и Норвешка. Ракометот овде сите не спојува. ФЕНОМЕНАЛНО!
2.Почнаа математиките
Ако победиме или одиграме нерешено, ако загубиме, ама и Тунис да загуби од Словенија, Словенија од Шпанија, па ние да го победиме Исланд…
Почнаа математиките! Искрено, јас ама ич не ги сакам.
Штом почнеме „да броиме“, кој, што, како, колку… веднаш губиме чекор.
Го почитувам Столе Стоилов: Да не правиме математики, туку да играме!
Па, ајде да играме! Нека грми Мец од балканските грмотевици.
Па после ќе видиме на кај ќе тераме. Чекирани ни се три дестинации…
Време е да се тргне накај сала. А, и кафето ми истече во овие францускиве еко-чаши…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА