СЕДМЕРЕЦ ОД МЕЦ – Ден 9: Албервил, доаѓаме!

Екипа

1. Кој вели дека чуда не се случуваат?

Пред десет дена некој да ни кажеше дека  Исланд ќе ни се заблагодарува што не сме шутирале во последниот напад оти можевме да погодиме и да победиме, дека Кирил Колев ќе му фаќа „живи“ на Сигурдсон, дека Тунис ќе зависи од нас или дека ќе ја мачиме Шпанија со „цепелини“…тешко дека ќе поверувавме.

Ама, ете, чуда се случуваат. А, на Македонија на ова Светско првeнство и се случи се од горе набројаното.

Впрочем, вчера беше 19 јануари! Богојавление!

Се вртеше, се вртеше натпреварот и на крај Македонија сврте реми против Исланд. Малку недостасуваше да биде и победа… Да не биде дека одиме во осминафинале со оној бод-подарок од Словенија!

„Е, сега, навистина појма немаме како се вративме во натпреврот“, ќе рече и капитенот Кирил Лазаров по примерот на онаа „туниска“ реплика на Стојанче Стоилов.

Ни ние појма немаме како стигнавме до Албервил! Кога тргнувавме од Македонија беше последна од опциите – Брест, Лил…или евентуално Албервил, ако се случи некое чудо.

И, еве сега се пакуваме и се селиме во олимпискиот град.

Од „олимписка депресија“, до „олимпискиот град“!

Чудни се патиштата ракометни.

2. Лино, пивото и белешките во џеб

По натпреварот со Исланд и по анализите што било како било, новинарите го прашуваат селекторот Лино Червар да каже збор два за следниот противник –  Норвешка.

Ни вели: „Немојте сега за Норвешка! Да го прославиме сега пласманот и да испијам прво 2-3 пива со момците, па после ќе зборуваме за Норвешка!“

Што е за право, не изненади селекторот со овие 2-3 пива како со оние 7 на 6 на терен. Оти, сме чуле од Червар какви не изјави во изминативе години, ама „алкохол“ немало никогаш досега!

На крај сепак, и без пиво, селекторот „ја извади Норвешка од џеб“.

Пред дуелот со Исланд, додека се возеле со ракометарите до сала, Лино фатил неколку белешки и за Норвешка, да не излезе неподготвен пред новинарите.

Ако затреба. За секој случај.

И, пак не пренесе „жедни преку вода“. Или, пиво, сеедно…

3. „Памти“ па врати

Бидејќи теравме „вест во низа“ за сите случувања со нашите „хотелски“ соседи од првиот и од третиот кат, не бидува да не ги споменеме ни сега на заминување.

Исланѓаните вчера сигурно славеа некое нивно „богојавление“. Уште долго по натпреварот ја фалеа Македонија и се заблагодаруваа што не сме ги испратиле во Брест на утешниот „Президент куп“.

Вчера си легнале соседите од трети малку порано. Не ги сретнавме во холот да им кажеме – „Памти, па врати“!  Ако, не дај Боже затреба напролет. Оти, со Исланд „ќе се дружиме“ и во квалификациите за следното ЕП 2018 во Хрватска.

Тунижаните пак, „ни биле лути“ што не сме го победиле Исланд за тие да се пласираат во осминафинале. Овде може да биде „памтевме, па вративме“… за олимписките маки од Гдањск.

И, кога ќе повлечеме црта под овие девет дена во Мец, нашите хотелски соседи, всушност беа клучни за Македонија во првата фаза на СП во Франција. Со победата против Тунис  ни се „отвори“ патот кон осминафиналето. Со ремито против Исланд стигнавме на третото место во групата и ја добивме Норвешка со која може да се игра, наместо Франција која баш и не е пожелен противник за обичните смртници.

Се шегуваме со колегите, како ни тргна, не е лошо и во Албервил да се погодиме во ист хотел со Норвежаните. Кој знае што ќе им се случи…

Затвораме куферите и тргнуваме на пат.

Албервил, ние доаѓаме!

Се вчитува...