СЕДМЕРЕЦ: Одбројуваме!

Екипа

Со стариот состав во нов предизвик и со верба во „ел команданте“, Македонија го чека ЕП

1.Кај селекторот одговорноста, во јавноста довербата

Да не беше Раул во прашање, гарант ќе „промрчевме“ за избраните во составот на македонската репрезентација за јануарското ЕП во Хрватска. Оти составот пак е оној стариот, само сега со „старите“ постари за уште една година, кои вратени, кои редовно-присутни. И во 21 со само „петмина млади“ од онаа генерација која веќе „прекрши 20-ка“.

Велат, провереното е најдобро, ако уште служи. Предноста на овој, во изминатава деценија, добро познат состав, е искуството и воиграноста. Тука не треба многу филозофија. Претпоставувам, по таа логика и селекторот го направил изборот. Понатаму се препуштаме на генијалноста на „ел команданте“. Впрочем, годинава Раул Гонзалес многупати докажа дека знае што прави, и клупски со Вардар и селекторски со Македонија во мајско-јунските завршни квалификациски мечеви. Со таа логика одбројуваме до ЕП и се „крстиме“ во „ел команданте“ и во неговата мирна ракометна генијалност дека и од „старата Македонија“  може да извлече нова енергија. А, од младите полн придонес со полна доверба и вистинско место во тимот. Не само бројка на список и декор на клупа. Нормално, секој според квалитетот, формата и ангажираноста. Без приказни и „евтини финти“ за медиуми и широки народни маси…

Раул Гонзалес не е алиби тренер, тоа дефинитивно го научивме во овие четири години, како што тој научи македонски.

Токму затоа, кај селекторот е одговорноста, а во јавноста пак е довербата дека „ел команданте“ знае што прави.

Впрочем, сега на клупата го имаме вистински најдобриот. Веројатно нема пак да ја „оплескаме“…

2.Малку реалност, малку еуфорија

И не се тоа очекувања „далеку од реалноста“. Ниту пак притисок од јавноста да се направи невозможното. Групата е силна и незгодна, германско-балканска, и никој не се занесува дека Македонија во Загреб сите ќе ги „мачка“ од прв до последен. Впрочем, македонската публика доволно знае ракомет и знае која е Германија и што направи на претходното ЕП во Краков. Каков адреналин и потенцијал има Словенија со Вујо на клупата и со „бронзата“ од Франција. Или како може да биде опасна и Црна Гора ако се разбрани Симиќ и ако „распали“ Борозан… Ама знае публиката дека и Македонија по една деценија континуитет на голема сцена, и со Раул Гонзалес на клупата, сигурно нема да оди во Загреб само за да учествува!

И нема тука „дозирање“ на атмосфера и темпирање на притисокот. Македонската публика е таа и таква, секоја година „одбројува“ до јануари токму поради ракометарите. А тие се доволно искусни да се носат со притисокот и со македонската ракометна еуфорија.

Ако можеа во Хрватска во 2009 од нигде-никаде од невозможното да направат возможно, ќе можат и во 2018. Зошто да не?!

3.Раул на три фронта, од Вардар молк

И додека јавноста декемвриски го пренасочува фокусот од клупските на репрезентативните збиднувања, зимски актуелни остануваат трансферите и кроењето на тимовите за следната сезона. Што пред, што после Европското. Кој заминува, кој доаѓа, што официјално, што неофицијално, нешто потврдено. Нешто во најава, друго само на претпоставка…

Командант Раул веќе дејствува на три фронта. Со Вардар ја одработува последната сезона, во првиот дел беспрекорно без пораз. Со репрезентацијата се подготвува за ЕП, а со ПСЖ веќе го крои тимот за следната сезона кога ќе се пресели во Париз.

Во Вардар паралелно со играчки и резултатски перфектната сезона, виси неизвесноста што ќе биде во следната. Засега ги броиме само најавените заминувања од редовите на шампионот – Раул, Штербик, Циндриќ, Марсениќ, Абутовиќ… За движења во обратен правец, изминативе седмици бележиме само откажувања. Прво Иван Пешиќ изјави дека имал понуда од Вардар, ама одбрал да остане во Мешков Брест. А деновиве и пензионираниот Дарко Станиќ со сите пријателски врски и односи со „црвено-црните“,  кажа дека нема да дојде во Вардар. Претходно отпаднаа уште неколку „бомбастично“ најавувани замени за Штербик. Слична е сликата и со потенцијалниот наследник на Раул Гонзалес. Се вртат неколку имиња од актуелниот круг од кои според најавите најреално остварлива е шпанската опција со веќе присутните во Вардар – Роберто Парондо или Давид Дејвис. Некој спектакуларен трансфер нема ни во најава.

Впрочем, да имаше, досега сигурно ќе се пофалеа. Како што се пофали ПСЖ со Раул и Веспрем со Штербик. Или се чуваат вардарци за пролетна офанзива, ако „порасне“ буџетот.

Се вчитува...