СЕДМЕРЕЦ: Плати на рати затвораат врати

Екипа

На Металург му „избега“ Белгиецот во Загреб кај Лино, Вардар пак не може да донесе ни голман од Египет…

1.Надежите и шампионите

Вардар и Металург ја отворија новата сезона и сакале или не, повторно се во фокусот. Што по арно, што по лошо.

Вардарци очекувано победија и на Супер Купот во Струга и на СЕХА дербито во Скопје. „Металурзи“ на првиот дуел беа без кормилар, на вториот во комплетно поинакво издание… Борбени, полетни, желни да играат и да се докажуваат. На моменти дури и спортски дрски со своите 18-19 години да му покажат заби на големиот шампион.

Додуша, сега само остаток од големиот шампион и плус преполовен со повреди. Но, за овде и сега, се уште силен и неприкосновен. Вардар и во новото малку поскромно издание се обидува да го задржи стариот стил. Па дури и Парондо научи македонски следејќи го примерот на Раул.

Она, пак што помалку делува загрижувачки, е фактот дека овој Вардар во три четвртини од „дербито“ се мачеше да ги сопре „децата“ од Металург. Младинците и кадетите од Брестовац го решетеа голот на Вардар.  Што ќе биде кога ќе дојдат оние многу поголемите од Монпелје, од Барселона, од Рајн Некар Левен…?!

Милосављев чесно се препотуваше на голот. Како и нема, кога е сам, и прв и втор, меѓу стативите.

Вардар се уште не може да донесе голман од ЛШ калибар. Бараат, не дека не бараат, од Лисабон до Каиро. Само што сега никој или малку кој се решава да дојде во „ракометното Ел Дорадо“. Не стигна дури ни Египќанецот од Бешикташ.

2.Ултимативно

Ситуација „плати на рати, на се се крати“ има и во Металург. А, тамам се понадевавме дека во Автокоманда полека се средуваат работите со новиот ветувачки проект за зацврстување на темелите на репрезентативната база.

Арно ама, капитенот повторно тропнал на вратата кај газдата со стариот ултиматум за „ратите и платите“ .

И сето тоа, нормално, повторно стигна до медиумите.

И топката повторно е „спуштена“, ама проблемот повторно не е решен, туку пак е само „подзакрпен“.

А, можеби, и не е само до платите. Можеби е и до понудите. Како онаа „курбан-бајрамската“ за Белгиецот Ќерими.

3.Лино пак го „спаси“ Металург

Арбер Ќерими летово дојде како едно од новите засилувања во Металург. Белгиецот со балкански корени што на 28 години не се снашол во Франција, па наместо договорените три, во Сесон останал само една сезона, уште од старт „стрчеше“ малку во новиот проект на Металург на млад домашен погон.

Нејсе. Бил најдобар од тоа што може да се најде на пазарот, а што Металург може да си го дозволи „според џебот“. И на тоа ќе останеше, да не се случеше целата сага на Курбан Бајрам и во целата приказна да не влезеше Лино Червар.

Ќерими, наводно, тргнал за празникот во Белгија, ама стигнал во Загреб. Од Металург побарал поголема од договорената плата и на крај наместо во Скопје, потпиша во Загреб. Никому ништо за играч од тој калибар.

Но, ниско и недостојно за тренер од калибарот на Чарвар. И, тешко на Загреб ако сезоната му зависи од „укареден“ играч(и) од Металург!

За Металург пак, ова е можеби и подобар „развој на настаните“. Ем помал трошок, ем поголема минутажа за младиот Танковски, на пример. Или што ќе рече еден од „ракометните“ колеги – на крај можеби ќе испадне и дека Лино му направил услуга на Металург.

А, во меѓувреме, од Пореч беше „блокиран“  трансферот на хрватскиот пикер Андрија Миличевиќ. Па, дојде и ултиматумот од Кузмановски…

Или е нова криза со платите и ратите или е уште некоја „услуга“ од пријателите!

Се вчитува...