СЕДМЕРЕЦ ПОД АЛПИТЕ – ДЕН 10: Облекувајте се, на планина сме!

Екипа

1.„А“ како Албервил, „П“ како планина. . . и пустина

Во осминафинале сме, ама до денеска се уште ни „А“ од Албервил не видовме. Ни ракометарите, ни ние новинарите заедно со навивачи. Ние во Гренобл, ти во Брид ле Бен кај Куршавел…Едни од други на стотина километри. Сите од олимпискиот Албервил на саат-два возење.

Ќе се најдеме денеска на дуелот со Норвешка.

Вчера беше големата преселба од Мец шестотини километри јужно, под Алпите. Утрово уште рано влегуваме во автобусот и заедно со навивачите,  правец во олимпискиот Албервил.

Снежна идила на Алпите, повеќе скијачка отколку ракометна атмосфера.

Се симнуваме од автобусот и не чека куп снег пред Олимписката сала во Албервил. И првата асоцијација е на претходното СП во Доха. Топло ни беше и песок од пустината ни влегуваше во очи.

Е, па еве ни сега ракомет на планина и снег до колена.

2.Облекувајте се, ќе издржите

Измрзнаа македонските ракометари по планини на ова Светско првенство. Организаторите ко да знаеја за нашите „емоционални празнења“ и „олимписки депресии“, па Македонија во Франција добива само „воздушни бањи“. Прво во Мец, а сега и во осминафиналето во Албервил.

 За рехабилитација во изолација. И настап во олимписка сала.

Засега резултатски добро ни оди со француската рехабилитација. Само сега организаторите малку претераа со километражата по планини.

Издржливи сме ние, сме виделе и полошо. Ама овој пат се изреволтираа и ракометарите. Ај, што се далеку во планина, ај што им се собите како за кинески гимнастичари, туку и салата, таа горе на планина е грч ладна, а со докторите и со болниците сме „тенки“ на ова првенство. Не дај боже да ти затребаат!

А веќе ни требаат. Дејан Манасков има скинат мускул, Филип Миркуловски стега заби со повредата на ногата, Велко Марковски го боли грбот… Болници нема многу овде на планина.

Ракометарите се изреволтираа вчера. А кога се изреволтирани тие, изреволтирана е и целата нација. Стигаат пораки со поддршка и разно разни совети. Од оние „вратате се ќе настинете“, до оние „играјте за инает“.

Една од пораките посебно ми привлече внимание.

„Облекувајте се, ќе издржите, ќе ја победите и Норвешка, само да сте здрави и господ да ве чува. Со среќа на сите…“

Онака, топла искрена, како за свои деца…

Облекувајте јакни, чорапи, капи на глава и правец во сала. Да не настинете, сега пред осминафинале на СП.

3.Мавровски подготовки, алпско осминафинале

Од оваа „алпска“ перспектива, мавровските подготовки на ракометарите пред СП беа полн погодок. Олимписката сала во Албервил според опкружувањето, планините во позадина и куповите снег пред влезот многу потсетува на онаа нашата во Маврово.

Македонските ракометари се добро аклиматизирани. Од планина на планина ќе им преседне снегот годинава.

Норвежаните се навикнати на снег и на ниски температури, ама зимава и ние сме тука рамноправни.

Норвежаните додуша, се израдуваа кога дознаа дека во Албервил ќе играат со Македонија. Сепак, селекторот Кристиан Берге е внимателен и деновиве размислува како да го сопре Кире Лазаров.

Нека се напие 2-3 пива со момците, сигурно ќе му текне.

*******

Не остана никој од колегиве во хангарот пред салата во Албервил, приспособен во прес-центар. Снежната идила и предизвикот да се види олимпискиот град мамат повеќе од тастатурата. Малку снег пред ракомет. Во осминафиналето со ладни глави. Одиме надвор да се „оладиме“ малку.

И да го видиме Албервил, нормално!

Се вчитува...