СЕДМЕРЕЦ: Порака на маса

Екипа

Во Металург нема ни плата ни абер, во Вардар, пак стига абер дека се ближи крајот на приказната…

1.До кога вака?

„Трпи, трпи, толку е! Со една плата не се живее цела сезона“, крена глас синоќа, капитенот на Металург, Филип Кузмановски во името на сите „металурзи“ кои „трпат“ неизвесност и беспарица со месеци. Вчерашната победа на најмладиот состав на Металург против Војводина во СЕХА беше јасна порака и до газдата и до јавноста – во овие млади играчи има потенцијал, има спортски инает и има иднина. И токму затоа заслужуваат малку повеќе почит и достоинство од понижувачката позиција да играат за „топол оброк“. Па нели, клубот се гордее со базата, со младинските и со сениорските репрезентативци што излегуваат од Автокоманда?! Ама кога треба да се исполнат обврските и од другатра страна, е тогаш е молк и хиерархија.

Кризата во Металург веќе не е ни ново ни невидено. Дури, ако се погледне убаво, па кризата трае подолго од успехот на клубот од Автокоманда во најдобрите години! Но, сега веќе стигнува на онаа црвена линија.

Старите долгови доаѓаат за наплата, кога-тогаш. Новите исто така. Или има или нема. Третото е агонија на „топол оброк“. И тоа, до кога?

Велат, нема ни пари, а, нема ни абер ни што ќе биде, ни дали ќе има…

А бе, луѓе, ако имаше и маго ќе се вратеше!

2.Имаш, па немаш

Во Вардар уште има и плата и резултати, ама и абер дека наскоро – ќе снема. Пораката беше испратена уште минатото лето и шампионски Вардар веќе со месеци полека се одлева од Скопје.

Минатава седмица, пораката стигна и до ракометарките на Вардар – во јуни да си го бараат „чарето“ во други клубови, оти овде пари ќе снема!

За среќа и во машкиот и во женскиот Вардар во целата неизвесност, извесна е барем агендата – сезоната да се одработи на највисоко ниво, по можност шампионски. Впрочем, колку се подобри резултатите, толку е повисока цената. Дури и кога клубот е на „распродажба“…

Инаку, тој филм „имаш па немаш“ овде веќе сме го гледале и со Кометал шампионе. Во малку подолгометражно издание, што е за право.

Чаре? Па, засега нема, освен коренити системски промени во финансирањето на клубовите и можеби, конечно, практична примена на Законот за даночно ослободување за поттикнување на спортот. Можеби…Оти инаку, ситуацијата оди во „црвено“ и во спортот што се уште ни е број еден во Македонија.

3.Како Струга нема друга

Но, сепак и не е се така црно во најава. Наспроти кризата на „големите“ што загрижува, од дртуга страна радува заживувањето на „помалите“ во македонскиот ракомет. Помали само по буџетот, но не и по традицијата и култот кон ракометот.

Наумче Мојсовски се враќа во родната Струга за да го крене повторно на здрави нозе ракометот во градот на Дрим. Мојсо има цел да го врати стариот сјај на клубот од кој по традиција израснуваа најмногу репрезентативци и на славниот струшки турнир со неколкудеценски белег во македонскиот ракомет.

Како долгогодишен репрезентативец и  стружанец, Наумче Мојсовски има убава мисија и сесрдна поддршка. Освежување за промена. А, можеби Мојсо ќе повлече нога на сличен начин да заживеат и другите македонски ракометни центри. Можеби…

Уште една порака на маса. Но, оваа како треба да биде.

4.А, со суетите, што правиме?

Порака стигна деновиве и од претседателот на РФМ, како требало да биде, а не било во македонската репрезентација на ЕП во Хрватска. Иако во онаа јануарска ракометна еуфорија, барем во првиот дел, се понадевавме дека сега со „ел команданте“ конечно ги наредивме работите онака како што треба. И, тераме напред.

И теравме во првиот круг. Во вториот подзастанавме. Баравме причнини во уморот, во чудниот систем на ЕХФ, во силата и во титулите на противниците… Ама, проблемот изгледа пак ни бил кај нас. Оној стариот – проработеле суетите и „пукнаа“ резултатите.

„За поединци во иднина би порачал суетите да си ги остават во Скопје и да се посветат на играта…јунаците на мака се познаваат, а турнирот и натпреварите се играат до крај“ – порача претседателот на РФМ, Живко Мукаетов.

Пораката е јасна. И не е прва ваква од првиот човек во македонскиот ракомет. И добро ќе биде оваа да биде сфатена и прифатена од оние на кои им е испратена. За добро на македонскиот ракомет, се разбира.

Да не почне и овде да светка тоа „црвеното“ алармче, па, да биде после „имавме, па немаме“… Оти не знаевме.

Пораката е на маса!

Се вчитува...