Ни Вардар ни Металург, туку Тинекс Пролет ја има „приказната на неделата“
1. Кога мотивацијата е посилна од „ситуацијата“
Кој вели дека нема драма и во нашата Супер лига? Има и драми и трансфери и џентлеменски договори и не-џентлеменски потези, неочекувани порази и изненадувачки победи.
Кој преживее, тој ќе раскажува.
Ни Вардар, ни Металург, овој пат „приказната на неделата“ е кај Пролет. И не дека деновиве времето е како пролет во октомври, туку за начинот на кој се справи со неочекуваната ситуација Пролет од „Пролеќе“. Не од Мичурин како што еднаш заедно со „братски“ Веспрем, несмасно ги сместив преку пругата што и ден денес не ми го забораваат.
Во два натпревари по ред Пролет ги победи досега непоразените во Супер лигата. Прво падна Работник во Скопје, а потоа и Охрид во Охрид. Едната победа беше со тренер, другата – без тренер, со управата во заменска улога. Принудна ситуација оти Илија Темелковски откако го победи Работник, преку ноќ замина во Битола. Се „бендисале“ со битолскиот тим, се договориле и биднала работата. Работник го отпушти Андон Бошковски и го вработи Темелковски, а Пролет на сред сезона остана затекнат од ситуацијата. Остана без тренер и што е уште полошо, „нивниот човек“ ги остави на цедило.
Ама, велат на маката се познаваат јунаците. И пријателите. Пролет е клуб со посебна традиција и своја филозофија. И можеби последниот бастион каде ракометот е се уште мерак, маалска врска и семејна традиција. Клубот од „Пролеќе“ со години успешно одолева на трендот на „засилување“ со евтини странци или скапи странски инвестиции на клупата. Наместо тоа, изборот отсекогаш бил и останува на младите домашни играчи и на своите тренери. Клубот останува отворен да им се најде на пријателите, да ги згрижи македонските ракометари, па и дел од репрезентативците или нашите селектори кога некој од нив ќе останат без работа, да се најде во добро и во лошо. Па не чуди што дел од нив веднаш притекнаа на помош. Гино Стрезовски без збор ги презеде тренинзите додека се најде решение, а во пресрет излезе и Металург и брзо беше договорено Никола Матлиевски од Металург 2 да се префрли на клупата на Пролет.
Во меѓувреме, и тимот се мобилизира и се врати со победа од Охрид. Пролет речиси безболно ја предброди „ситуацијата“ и продолжува понатаму онака како што тераше и досега.
Сето ова може да биде добра поука, но и потсетување на една помалку заборавена македонска ракометна слика.
Не е се во парите, слават и титулите, има нешто и во меракот.
2.За џентлменските договори и не-џентлменските потези
Случајот Пролет-Темелковски-Работник, одново ја актуелизира темата со џентлменските ангажмани и договори кои не се реткост во македонскиот ракомет и во македонскиот спорт, генерално, дури и во клубовите со предзнак – професионални. Вообичаено, се работи за договори со „нормални“ суми, базирани на доверба или долгогодишна соработка во која потписот на лист хартија е само формална работа.
Ако ви текнува, „џентлменство“ и доверба имаше и во стариот Вардар, на „џентлменски договор“ беа и речиси сите македонски тренери како селектори на македонските репрезентации. И во најголем дел тоа функционираше – џентлменски.
Темелковски со децениското искуство зад себе, сепак реши на залезот на тренерската кариера од „џентлмени“ да премине во „професионалци“. И од својот Пролет во кој беше „македонски“ Патрис Канаје, да влезе во „битолскиот проект“.
Двата клуба се со различен концепт, но со горе-долу еднаков квалитет. Впрочем, да биде парадоксoт поголем, Темелковски и сам виде дека Пролет може да го победи Работник!
А, кога квалитет е тука некаде, а амбици и реалните дострели приближно еднакви, разликата, по се изгледа, отпаѓа на „тежината“ на двегодишниот договор што го понудил Работник. Иако, и од Тинекс Пролет велат дека „во долгогодишната соработка не останале должни ни денар“.
Од формално-правен аспект гледано, тренерот со отворен незаверен „џентлменски“ договор, може без проблем да смени клуб и клупа. И клубот може да го договори, иако ред е да седне на маса и со „другата страна“. Но, нејсе, и тоа некако поминува.
Во случајов, само довербата и децениските пријателства остануваат во „друга категорија“.
3.„Ел команданте“ постројува за Хрватска
Раул Гонзалес денеска го има првото „постројување“ на македонската репрезентација во изборот на тимот и на стратегијата за јануарското ЕП во Хрватска. На прв поглед според, списокот и „ел команданте“ ќе се држи до проверените сили. На втор – ќе видиме. Раул Гонзалес изминативе 3-4 години докажа дека „знае што прави“. Дури и кога за окото на јавноста, тоа е малку „чудно склопено“.
Забелешката на еден од ракометните колеги дека „составов ни е ко во 2012“, ме натера да пребројам. Не дека не знаеме „и на сон да не прашаш“ кој ни е во репрезентација, ама за да биде посигурно, „споредбената анализа“ покажува дека во денешните 21 што се повикани на собир, има дури девет од старите борци од „српскиот фронт“ што беа петти на ЕП. Што е сигурно, сигурно. Проверено, иако повеќето од нив веќе „цепат“ четврта деценија.
И повторно, има „гужва“ пред голот. Ама таму секогаш е така. Па така и „ел команданте“ сака да ги види сите и да ги избере најдобрите. Инаку, „гледањето“ ќе биде на тренинг оти овој собир во неделата на ЕХФ за Македонија ќе биде без контролни. На старите борци и онака не им треба воигрување. Воиграни, преиграни се.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА