СЕДМЕРЕЦ: Рецептот на Раул „7 на 6-наесет“

Екипа

Ако уште некој верува дека не постои решение за „генијалната“ тактика „7 на 6“ –  нека се обрати кај „командант Раул“!

1.Бројки за почит

Вардар надмоќно ја мина и најтешката пречка во групната фаза од Лигата на шампионите – ги скроти „лавовите“ од Рајн Некар Левен. Она што не и успеа на Барселона, во Скопје му успеа на македонскиот шампион. Рајн Некар Левен со сета сила и квалитет што го има, го нема веќе предзнакот – непоразен во ЛШ. Таа привилегија во „горните“ А и Б групи останува само за актуелниот европски шампион. И за Монпелје во „долниот дом“ , во групата Д.

Оние на кои бројките во ракометот им се во „малиот прст“,  пресметаа дека на Вардар  ова му е вкупно 26 натпревар без пораз во меѓународните натпреварувања, во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата. Или сезонава вкупно 16 натпревар без пораз за „црвено-црните“. Со само едно реми во овие 16, она на гостувањето кај ПИК Сегед. Последниот пораз на Вардар беше на 26 август од Барселона во полуфиналето на Супер глоуб. Во сите овие шест-ки, оттогаш досега, во изминатите три месеци, четатата на командант Раул нема загубен меч.

Импресивно и за почит.

И заслужен сиот аплауз од публиката која уште еднаш, овој пат јубилејно роденденски, направи спектакуларна атмосфера за „црвено-црните“.

2.Вардар царуваше и против „лавовите“

Што е тоа што, покрај спектаклот на трибините, за Вардар го прави посебен саботниот „меч на колото“ во ЛШ?

Победата против Рајн Некар Левен на Вардар му носи презимување на лидерската позиција во групата и речиси сигурно, отворен пат за директен пласман во четврт-финалето во ЛШ, исто како лани. Иако, реално, за ова второто, многу нешта ќе зависат и од двете следни тешки гостувања за Вардар. Првото веќе претстојниов викенд кај ранетите „лавови“ во Манхајм. Второто, по зимската пауза, во февруари кај Барселона.

Вардар во дуелот со Рајн Некар Левен демонстрираше сигурна игра во која секој знае точно – кој, што, кога, каде, како… и максимално дисциплинирано ја спроведува тактиката од клупата на терен.

И Раул Гонзалес и ракометарите по натпреварот истакнуваа дека одиграле дури и подобро од оној речиси совршен меч против Барселона. Или, што би рекла публиката – да ти е мерак да ги гледаш!

3.Разликата е на клупата

И токму таа прецизност и дисциплина во играта го прави Вардар надмоќен на теренот, дури и против оние кои знаат најдобро да ја искориста тактиката „7 на 6“ како Рајн Некар Левен. А, тука веќе, разликата ја прави клупата.

Забелешката – „овие кога играат со 7 во напад, изгледа како Вардар да игра со 16 во одбрана“, можеби и најдобро го отсликува тоа што Раул Гонзалес го усоврши како одговор на онаа бројна надмоќност во нападот на противникот во „7 на 6“. После оној последен пораз од Металург во Автокоманда, кога вардарци тешко се справуваа со „седмиот“, Шпанецот реши да ја реши фамозната „тактика“. И успеa во тоа. Вардар сега има најдобра одбрана со елегантна трансформација во сите формации каде „седмиот“ тешко поминува. Нормално, го има и Штербик на голот за секој случај.

И сето тоа функционира беспрекорно. Дури и кога не се сите на број…

А, тоа е оној дополнителен квалитет на стратегот на клупата на Вардар – кога некој недостасува во составот, не се бара алиби, туку се наоѓа решение.

Вардар беше исто надмоќен против Рајн Некар Левен и без головите и пробивноста на Лука Циндриќ и без Рожерио Мораеш на линијата. Отсуствуваа двајца играчи кои се важни алки во играта на Вардар, а нивното отсуство помина, па речиси, комплетно незабележително. И тоа против најсилниот можен противник.

Е, тоа е веќе умешноста на диригентот на клупата!

4. Auf Wiedersehen!

„Црвено-црната“ доминација, со бројки и со рекорди, стави белег и во женската Лига на шампиони. Вардарки ја завршија групната фаза со перфектни шест победи од шест натпревари. Во јануари продолжуваат во главната фаза од ЛШ единствени без пораз и единствени со пренесени максимални осум бода.

За разлика од апсолутната доминација и играта на линија на перфекција на машкиот Вардар, девојките во „црвено-црно“ знаеја да одиграат и со по некоја осцилација, да тргнат, па да подзастанат и пак да се вратат.  Но, по малку таква е и женската ЛШ. На крај сепак, се бројат само головите и бодови. А, тука Вардарки сезонава се неприкосновени на врвот.

Последната заверка на македонскиот шампион беше против десеткуваниот состав на Турингер. Тоа што германскиот тим настапи само со девет ракометарки во натпревар од најелитното европско натпреварување е прашање што отвора друга тема – за рејтингот и падот на квалитетот во женскиот клупски ракомет, глобално.

За вардарки пак, важна е победата и максималниот ефект во есенскиот дел од ЛШ. И победничкиот почеток на двојната македонско-германска пресметка викендов во Скопје. Победата на вардарки против Турингер за публиката беше добро загревање за следниот ден и победничкиот поздрав од „црвено-црните“ за Рајн Некар Левен.

Двете победи против две германски екипи во два дена, беа сосема доволна причина од скопските трибини одново да екне „ла ла ла лалала, Auf Wiedersehen“ .

Го подзаборавивме малку овој омилен навивачки слоган и убаво дојде ова саботното потсетување, да повежба грло македонската публика. Наближува јануари, па може пак да екне и во Загреб на ЕП. Сигурно ќе смисли командант Раул уште некој анти-германски рецепт и во репрезентативна изведба.

Се вчитува...