Кога Вардар ја потпиша Песоа од ЧСМ пред Ф4 беше „финта невидена“, сега кога три вардарки се селат во Букурешт е „трагедија невидена“
1. Кој има – тој бира!
Се сеќавата на Мајса Песоа и на трансферот од ЧСМ Букурешт во Вардар пред две години? Бразилката не се набрани кој знае колку на голот на Вардар, ама преселбата од шампионскиот тим на ЧСМ во Скопје и потписот пред Ф4 во Будимпешта тогаш беа „финта невидена“. Барем во ракометните кулоари. Вардар беше моќен да ги разниша и редовите на тогаш актуелниот европски шампион.
„Има се, може се“ – знаеја во шега да се пофалат вардарки во добрите времиња.
Две години подоцна се сменија времињата. Сега ударното трио на „црвено-црните“, Лекиќ-Радичевиќ-Цвијиќ, од следната сезона се сели во Букурешт. Трансферот беше официјализиран викендов. Да се знае со време.
Сето тоа можеше и да се очекува, по одлуката на раководството на Вардар на крајот на сезоната да го „распушти“ ѕвездениот состав. Но, сепак, малку изненадувачки дојде викендов овој „троен аксел“ од Букурешт. ЧСМ не ја пропушти шансата, ем ги собра најдобрите, ем му „врати“ на Вардар за „финтата“ од 2016.
„Има се, може се“ – така некако оди на либералниот ракометен пазар.
Таму каде што има пари, таму е најдобро. Тоа е барем старо универзално правило. И тука нема „лутиш“…
2. Ракометен пазар, нормално
Амандин Лејно се сели во Ѓер, Лекиќ, Радичевиќ и Цвијиќ заминуваат во ЧСМ Букурешт. А токму унгарскиот и романскиот првак се потенцијално, главните ривали на Вардар за шампионската титула во Лигата на шампионите. Некои се засекираа како ќе играат сега вардарки против своите идни клубови?!
Профи, претпоставувам! Како што играа и досега.
Како што играше Песоа со ЧСМ против Вардар, како што игра Кентин Мае со Фленсбург против Веспрем, како што брани Андреас Волф за Кил против Кјелце… Како што играше Иван Чупиќ со Кјелце против Вардар или како што би играл сега Лука Циндриќ со Вардар против Кјелце или Илија Абутовиќ против Рајн Некар Левен.
Како што би „диригирал“ Раул Гонзалес против ПСЖ!
За овде е можеби „драма невидена“, ама на ракометниот пазар овие трансфери „за иднина“, колку и да се добри или лоши, веќе стануваат потполно нормална работа.
3. Горбок се враќа дома
Впрочем, и ПИК Сегед викендов му гостуваше на Вардар, а нивниот бек, Сергеј Горбок, вчера официјализира дека се договорил со „црвено-црните“ и од следната сезона „се враќа дома“, во Скопје.
Рускиот ветеран, што е за право, не игра како во најдобрите денови, но дефинитивно е најзвучното име во сите оние најавени руско-српски засилувања во „реконструираниот“ понискобуџетен состав на шампионот за следната сезона.
До следната сезона, да уживаме во победите на вардарци и вардарки, оти убаво рече Јованка Радичевиќ – „заедно ќе бидеме само уште малку…“
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА