СЕДМЕРЕЦ: Што ти е судбина!

Екипа

Бајрамовска се прости во „Кале“, Раул со Вардар заврши во Автокоманда, Темелковски со Еурофарм за Пролет во Европа…

1.Девојчето од Битола и старото добро „Кале“

Заврши уште еден квалификациски циклус за женската ракометна репрезентација на Македонија. Горе-долу, слично како и претходните. Симе Симовски со македонските ракометарки се уште го турка каменот по угорница. Понекоја надежна победа против Фарски Острови, понекои 15-20 минути надежна игра против посилните како Шведска и Србија, понекој убав гол и надеж дека во следниот циклус ќе биде подобро.

Во меѓувреме, и оваа „млада“ репрезентација стигна за подмладување, пробивајќи го патот за таму каде што Македонија беше некогаш.

Една по една заминуваат и последните „мохиканки“ што паметат и од тие убави денови.

Мирјета Бајрамовска вчера во Ниш против Србија го одигра официјално, последниот натпревар во 18-годишната кариера. Од македонската публика, пак, се прости неколку дена порано на дуелот со Шведска. Судбината сакаше збогувањето да биде во „Кале“, во македонскиот ракометен храм во кој дојде пред многу години талентираното девојче од Битола. Уште тогаш, во ерата на Кометал ЃП, токму Мирче беше надеж за иднината на македонскиот женски ракомет. И во овие безмалку две децении го носеше епитетот – најдобра македонска ракометарка.

Бајрамовска ја имаше среќата или несреќата да ги испрати во историјата и Кометал, и оној најсилниот Металург и на крај и шампионскиот Вардар. И, симболично, да каже „збогум“ во старото добро „Кале“.

2.Раул во Автокоманда

Таму каде што фактички и вистински почна, таму и заврши „црвено-црната“ епизода во тренерската кариера на Раул Гонзалес. Не во „Борис“, ни во „Јане“, туку кај Металург во Автокоманда!

Вардар против Металург во Автокоманда во средата го одигра последниот натпревар во шампионскиот состав со „ел команданте“ на клупата. Последната победа против стариот ривал беше само рутина, атмосферата на трибините – скромна, со педесетина од оние, најверните „Комити“. Победија, се поздравија, ги оставија патиките и заминаа!

Оние што гледаа(т) ракомет малку поодамна пред да биде Келн во мода, паметат и подобри времиња и многу „пожешка“ атмосфера на трибините кога дуелите меѓу Вардар и Металург беа „големото дерби“. Тие сигурно, добро го паметат и оној 8 мај 2014, кога Раул се уште беше „нов“ во Македонија и „изгоре“ на првото гостување во Автокоманда.

Беше 30-21 за Металург во тој „легендарен“ меч. Во Автокоманда тогаш хит беше „не може нам нико ништа, јачи смо од судбине…“, Лино Червар веќе искусен на македонски терен, задоволно ги подкреваше очилата и му се смешкаше на новиот Шпанец. А, Раул се чудеше што го снашло и збунето гледаше што ќе „слета“ од трибините, со поглед „кај дојдов јас, мајко мила?!“

Четири години подоцна, многу работи се сменија. Раул брзо ја „совлада“ макдонската ракометна шема. Не го збунуваа веќе „ни теренот, ни трибините“, прозборе на македонски, ги собираше титулите една по една, го однесе Вардар на врвот на Европа…

И по четири години, заврши приказната со Вардар. И тоа, случајно, токму во „еден мајски ден“ во Автокоманда!

3.Пролет во Европа

Еден ден по простувањето на Мирче во „Кале“ и на Раул во Автокоманда, коцките чудно се наредија и во „Пролеќе“. Илија Темелковски се врати во својата населба, кај својот Тинекс Пролет, но овој пат како гостин со битолски Еурофарм Работник. И не беше само обичен последен натпревар од плеј-офот, туку решавачки за домаќините.

Темелковски овој пат загуби на добро познатиот терен. Пролет ги победи битолчани и по три години повторно ќе игра во Европа.

Едни велат дека и Ико и се радувал на победата на Пролет… Други дека битолчани биле малку „лабави“ за инает на Пелистер…Трети дека Матлиески и децата си одиграа и си го заслужија местото во Европа… Како и да е, наесен пак ќе запролети во Европа.

Судбината е чудна работа!

Се вчитува...