СЕДМЕРЕЦ: Спиеш ли мирно, селекторе?

Екипа

Тешко на тој што ќе ни згази на гордоста, во ваква ракометно победничка недела…

1. Национално полнење

Големата Барселона го слави нашиот Борко Ристовски! Онака, „емоционално испразнет“, македонскиот голман на Барса и донесе гостинска победа во дербито во ЛШ против Веспрем. За загревање неколку дена пред тоа, Борко имаше 22 одбрани во натпреварот од АСОБАЛ против Гвадалахара…

Нормално, секогаш има скептици, па и коментари од типот „а, бе, Гвадалахара, голема работа!“

Е, па после оној меч во Фленсбург и овој сега со Веспрем, и на оние што се чудеа на трансферот сигурно им е многу појасно „што бара Борко во Барселона“. Дури и скептиците деновиве барем еднаш го свртеа видеото со оние бравурозни одбрани на македонскиот голман во Барселона.

Истата вечер кога Борко сам ја победи Гвадалахара, блесна уште еден македонски голман. Во Скопје младиот Мартин Томовски со 15 одбрани пркосно победнички дигаше тупаници на голот на Металург во изненадувачката победа против ППД Загреб во СЕХА.

Ни искусниот Ристовски, ни младиот Томовски не беа по вкус на селекторот за составот на македонската репрезентација на СП во Франција!

Грешките, нормално, тешко се признаваат, ама и од фактите тешко се бега.

2. Македонска лекција за хрватскиот шампион

Победничката недела на клупски план почна со она аутсајдерско изненадување од Металург за фаворитот ППД Загреб, во натпреварот од СЕХА.  Два дена потоа, хрватскиот шампион доби уште една скопска лекција, овој пат од Вардар во дуелот од ЛШ. Малку кој очекуваше таква разврска на настаните од продолженото гостување на Хрватите во Скопје.

Токму Загреб беше тимот што во октомври ја прекина победничката серија на „црвено-црните“ на стартот на сезоната. Вардарци се реваншираа во вистински момент, со победа за лидерска позиција во групата.

И ако  победата од Вардар беше горе-долу очекувана, онаа од Металург беше комплетно изненадување. Хрватите велат, Лино им подготвил тактика, а тие немале одговор.

Впрочем, без одговор во последно време се и многу други прашања на релација Скопје – Загреб…

Ама има ветување дека ќе бидеме „благовремено известени“. А, кога ќе бидеме ние, ќе бидете и вие.

3. Обединети за ракометот

Минатата ракометна седмица ја одбележа уште еден настан, можеби и најбитен од сите други за иднината на македонскиот ракомет – Изборното собрание на РФМ и новиот четиригодишен мандат за претседателот Живко Мукаетов. Избран едногласно и со акламација од сите членови на Собранието. И на претходниот и на овој избор впечатлив и за поздравување е оној обединувачки момент во македонскиот ракомет, присутен како никогаш досега во изминативе две децении.

Мукаетов го постигна тоа во изминативе четири години и сигурно, ќе го надогради уште повеќе во наредните четири.

Финансиски стабилна Федерација и респектиран претседател по мерка на сите, три клубови во ЛШ, репрезентација во континуитет присутна на европските и на светските првенства, македонски играчи во големите европски клубови, македонски претставници на важни позиции во структурите на ЕХФ… Сето ова ја прави онаа стабилна основа што ја има спортот број еден во Македонија. И на што можат да ни позавидат и многу од оние кои за Македонија се уште знаат да кажат дека е само „ракометна провинција“.

И, нормално е со ваква база да се очекува и стабилен чекор напред.

Ако некој го кочи патот, па, има еден симболичен подарок во РФМ, инаку, „ефикасен реквизит“. Може да се употреби во секое време. Посебно, кога некој ќе не потцени и ќе ни згази на гордоста македонска.

 

Се вчитува...