На „женскиот“ ден селекторот треба, конечно, „машки“ да обзнани дали се враќа во својата „домовина“ или останува во новата татковина.
1. Што и да реши нема да згреши
Во среда, на 8 март, треба да знаеме дали имаме или немаме селектор на машката ракометна репрезентација за понатаму.
Лино Червар треба, конечно, да ја соопшти својата КОНЕЧНА одлука – дали ќе стане „изборник“ на својата Хрватска за ЕП 2018 на која се домаќини, или ќе остане селектор на Македонија и ќе си го одработи четиригодишниот договор до крај.
„Машката“ одлука треба да падне токму на „женскиот“ ден. Така ни објави деновиве Зоран Гобац, најавувајќи го финалниот состанок со Червар договорен за 8 март.
Хрватскиот стратег што и да реши нема да згреши. Хрватска и европското злато што го нема, се предизвик. Од друга страна, Македонија е сигурна и исплатлива опција. Што би рекле Хрватите „мирна лука“.
Барем навидум…
Македонија, се уште помалку тивко и по страна, ја чека одлуката на Червар. И првиот пат во август минатата година кога Хрватска го смени па го врати Жељко Бабиќ, а Червар беше, па не беше во „шема“ за селектор. И, сега кога Бабиќ дефинитивно е сменет, а Червар уште од јануари, дефинитивно, е прва опција за селекторското место.
Тоа што има четиригодишен селекторски договор со Македонија, како што и самиот изјави, може „човечки да се среди“, оти во договорот со РФМ има еден „фамозен“ член 2.
Оние што знаат малку повеќе, велат дека за „маго ди Умаго“, многу потешка е разделбата со Автокоманда. За Македонија не е толку проблем!
2. Леле што ќе правиме?!
Што ќе правиме ако Лино Червар во среда ја одбере Хрватска?
Ништо.
Истото што го правевме 22 пати досега, (ќе)бараме нов селектор!
Со сета почит за славното минато на Лино Червар и за ренесансата во Металург, ама долгото тактизирање и ставањето на репрезентацијата на Македонија „во резерва“, малку го скрши меракот и безрезервната доверба што ја ужива(ше) хрватскиот стратег во Македонија.
Впрочем, од многу очекуваното „ќе видите што ќе биде кога ќе дојде Червар за селектор“, и не видовме нешто многу. Во оваа неполна година со Хрватот на клупата, македонската репрезентцаија има еден бараж со Чешка поминат „на буткање“, еден срамен пораз од Чешка во Плзен од новиот квалификациски циклус и една победа со Украина. Во јануари на СП во Франција, уште две победи против Тунис и Ангола и едно реми со Исланд , 15. место што е најслаб пласман на Македонија на ракометните мундијали во изминативе десет години, неколку дикустабилни одлуки околу составот, репрезентација во подмладување ама се уште меѓу најстарите на шампионатот… Премногу експерименти, премалку резултати.
И, една голема неизвесност пред она што не чека во блиска и во малку подалечна иднина.
Од почит кон Лино Червар, официјално се чека неговата осмомартовска одлука. Ама, велат секој си го бара „чарето“. Па така и Македонија.
Неофицијално, веќе се вртат неколку имиња за потенцијално нов македонски селектор. Кандидати има и од тренерите што се овде и што имаат искуство и ги „познаваат македонските играчи“, и оние постарите и оние помладите, исто колку и Червар. Ако е тоа некој критериум, затоа што ако замине Червар ќе бидеме во временски теснец до мајските квалификации за ЕП 2018.
Македонија во ракометот, сепак, не е „задна дупка на свиралка“, па има и други заинтересирани кандидати за македонската клупа. Ако замине Червар, нормално. Една од насоките е Словенија. После двајца Хрвати, може да пробаме и со Словенец на клупата. За промена.
Имиња до 8 Март, нема. Од почит.
3. Црн викенд за „црвено-црните“
Кога не оди, едноставно, не оди. На вардарци викендов, ама ич не им одеше. Навикнати на победи, победнички походи и рекордни серии на „црвено-црните“ сезонава, изминатиов викенд дојде како мраз во март.
Машкиот Вардар загуби од Мешков Брест и ја испушти првата четвртфинална „меч-топка“. Втора шанса да го одбранат првото место во групата што им носи директен пласман во четвртфиналето во ЛШ, „црвено-црните“ ќе имаат следниов викенд во последниот меч со Кристијанштад во Скопје.
Шансата што не се пропушта, овој пат навистина не смее да се пропушти…
Уште потешко помина женскиот Вардар на гостувањето во мундијалската Арена во Мец. Вардарки до вчера непобедливи и неприкосновени во европската елита, од Франција се враќаат поразени, понижени и засрамени. За „Ферарито“ што претендира да заврши на подиумот во Будимпешта, пораз со 14 гола разлика е многу. Премногу, за тим со таков состав и за играчи со тоа реноме.
Ако минатонеделниот пораз од Будуќност во Скопје беше само предупредување, поразот од Мец веќе е сериозен аларм за вардарки пред финишот на сезоната.
Велат, со жените никогаш не знаеш на што си. Ама она „скокни, па кажи оп“ важи подеднакво за сите. Дури и во „лудиот“ женски март.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА