СЕДМЕРЕЦ : Така се „фаќаат“ пехарите!

Екипа

Целје ја освои Струга, Вардар го победи Металург…Кадетите го платија цехот во Грузија

1.Словенечкиот систем на дело

Добро што Мојсо ги донесе Словенците во Струга, да го видиме оној познат систем на дело и на отворено. Бранко Тамше со неговото Целје дојдоа, видоа, го освоија пехарот, а богами, и симпатиите на стружани и на сите оние што со посебен мерак уживаат во посебниот шмек што го има со децении Струшкиот ракометен турнир и магијата на оние 40х20 под отворено небо.

Словенечкиот систем ни е репер и омилена тема на нас „ракометните“ кога надолго и нашироко го расправаме и оправаме ракометот во Македонија и пошироко. Посебно онака заседнати  „на отворено“ покрај Дримот.

Кога мериме што е успех, а што неуспех, дали „децата“ што вистински вредат горат или растат на терен дали„талентите“ од таму 25-26 години, се се уште „млади и надежни“… Дали клубовите можат да извадат барем по 2-3 деца од генерација или тоа е „научна фантастика“ затоа што сме, нели, само два милиони и немаме висина – Словенците редовно „ни го расипуваат алибито“!

Како им успева секоја година да вадат по некој нов Макуц од Постојна или Шкофја Лока, а нам никако не ни оди, а имаме еден куп „бисери“ по Скопје, Струга, Битола…?

Не е ни до пописот на населението, ниту до генетската структура и сантиметрите…

До систем е, до работата и до константност во целите и плановите.

Домен Макуц, играчот што го понесе признанието играч на турнирот во Струга е само уште еден мал пример за големите резултати на словенечкиот систем и уште еден врвен бек од словенечката школа. Макуц е „дете“ од новиот милениум, има „тазе“ 18 и веќе е лидер на екипата, со обврска, одговорност и зрелост.

Еден од сите, а сепак посебен. Да ти е мерак да го гледаш на терен.

До каде сме ние и каде се нашите „Макуц-и“? Велат, има таленти. Некои веќе ги знаеме, некои ни ги фалат, други „ги измеривем“ во струшките ракометни муабети. Имаме и школи и „двометраши“ и желби и идеи и клубови со зацртани планови за младите категории.

Само да го фатиме конечно системот на Тамше и константноста на Словенците и да не лутаме со инстанти за една употреба.

Тоа е решението. Така се вадат играчи и се освојуваат пехари.

2.И Супер купот бидна и помина

Вардар и Металург ги одмерија силите прв пат сезонава. Македонскиот Супер куп бидна и помина, прв пат годинава „на отворено“ во Струга.

Не беше некој посебен спектакл како некои поранешни претсезонски дуели на двата скопски ривали. Што е за право, не се веќе исти ни екипите на вардарци и на металурзи, ниту пак клупите.

Беше повеќе,  она да се одигра колку да се направи редот.

И едните и другите некомплетни со редуцирани странците поради трошоците за лиценците. И делумно, со шанса за некои од помладите. Но, повеќе „по македонски“ од немајкаде, за разлика од она „по словенечки“, системски и планирано.

Металург, во новата ера „после Лино“ се уште го гради тимот и системот на македонска репрезентативна база во најава.

Вардар и „после Раул“, во подновениот тим на руска база, потврди дека се уште е недостижен и супериорен за домашната конкуренција. Со горе-долу истиот систем на игра и под водство на Парондо, но и со доза на неизвесност колку  и дали „новите“ може да ги заменат „заминатите“.

3.Грузиски цех за скопската радост

Штета за кадетите на Данило Брестовац што не ја истуркаа приказната Тбилиси до крај. Младинското ЕП во 2020 на кое му се израдувавме во Скопје, сепак, ќе биде без македонските надежи.

Кадетите сами си ја кроеја својата иднина и таа е таа златна генерација која заслужува поддршка. И добро почнаа во Тбилиси и оставија белег со играта и со индивидуалните квалитети во функција на колективот. Но, не успеаја да ја минат последната пречка за место во европската младинска елита. Во полуфиналето македонските кадети загубија од Белорусија. Во мечот за 3.место пак останаа покуси против Швајцарија.

На ЕХФ шампионатот во Скопје, оној младинскиот У20 што ЕХФ реши дека не се важи за пласман на ЕП, ги победивме и Белорусија и Швајцарија. Во Тбилиси помалите го платија цехот.

За утеха, Македонија ја има најдобарата десна страна на шампионатот со Мартин Серафимов и Ненад Костески во ол-стар тимот.

Нашите „Макуц-и“ и златната генерација во која има „штоф“ во репрезентативните настапи, за среќа го имаат наредното СП во својата категорија на домашен терен.

И, надеж дека и во клубовите овие таленти ќе ја добијат својата шанса.

Ако Македонија конечно, тргне „по словенечки“.

Се вчитува...