СЕДМЕРЕЦ: Титули нови, титули стари, битно се слави

Екипа

Вардарци го кренаа пехарот во Битола, вардарки уриваа рекорди во Автокоманда, но шоуто и по 15 години „го краде“ – Кометал шампионе!

1. Загревање за Келн

Веќе не е вест дека Вардар победил и дека „црвено-црните“ пак ја освоиле титулата во Купот. Се подразбира. Престижниот пехар останува „на чување“ кај вардарци и оваа, четврта година по ред.

Вардар без многу мака стигна до рекордната 12. Куп титула во својата историја. Супериорноста во однос на противниците му остави простор на Раул Гонзалес и да ротира и да одмара играчи и да ги „загрева“ за она што го очекува Вардар во финишот на сезоната на Ф4 во Келн. И, со пола тим да заврши работа и  да го крене пехарот.

Што е за право, одново Металург ги намачи „црвено-црните“ во финалето пред финале, но изненадувањето овој пат изостана. Мотивирани „металурзи“, вардарци „дозирани“ тамам толку колку што им требаше за победа, ни повеќе ни помалку. Малку повеќе нервоза кај несудениот македонски репрезентативец и едно скршено столче, од оние новите во салата „Младост“ во Битола. А, само што ја реновираа… Црвен картон и „рафал“ по судиите. Нормално.

Кој е морален, а кој реален?

Кој бил во право, а кој „во криво“, тој што крши или овој што казнува?

Ако не си за „сините“ тогаш си за „црвените“, ама и „црвените“ често се против „црните“ со свирчето…Оди па фати го крајот.

На крај се се заврши со нова титула на вардарци. Полуфинални драми и мирно финале. Металург остана за малку покус од Вардар, Охрид за малку повеќе од домаќинот Еурофарм Работник. А, Еурофарм Работник го одигра своето историско прво финале и чесно и заслужено му се израдуваа.

Вардар пак го крена пехарот и славеше титула во Битола.

И, викендов ракометот одново беше во мода на „Широк Сокок“.

2. Битола се буди, Автокоманда се празни

Залетот на Еурофарм Работник кој во својата прва суперлигашка сезона стигна до плеј-оф и до финале во Купот и реконструкцијата во Пелистер најавуваат нови, позитивни „ветрови“ во ракометна Битола.

„Фармацевтите“ на прва, веќе обезбедија излез во Европа за следната сезона и фаќаат чекор напред. Велат, кога има пари, има и резултати.

Пелистер со доаѓањето на Стевче Алушовски исто така е проект што ветува подобра иднина за ракометот во Битола. Се најавува стабилна финанасика основа и враќање на неколку македонски репрезентативци во „зелениот“ дрес. Најново име на листата на желби на Пелистер е Марко Нелоски. Битолчани и претходно го сакаа репрезентативниот бек во своите редови и му нудеа „трампа“ на Металург.

Нелоски сега дефинитивно си заминува од Автокоманда. Исто како и Филип Талески и тој решил да ја прекине агонијата и побарал „исписница“ од Металург. Среќата ќе си ја бара во Битола…или во Германија. Понуди има, опциите се отворени.

3. Вардарки на +40!

Ден пред своите колеги од машкиот Вардар, пехарот во Купот на Македонија одново го подигнаа и ракометарките на Вардар. Вардарки титулата ја прославија во Автокоманда. Апсолутно супериорно во однос на противниците.

Ако вардарци беа фаворити во Куп завршницата во Битола, вардарки беа ептен-фаворитки за одбрана на пехарот на женскиот Куп во Автокоманда. Полуфиналната победа над Гевгелија со рекордни +40, двете „17“ на Сара Ристовска и на Камила Херем и потоа +26 во финалето со Металург уште еднаш покажаа дека јазот меѓу Вардар и останатите екипи во женска конкуреценција од година во година е се поголем.

Впрочем, Вардар е европски вицешампион, сите други се горе-долу, просечни македонски екипи кои во принцип, тешко врзуваат крај со крај.

4. За добрите стари времиња…

Но, и силниот Вардар, деновиве остана во сенка на оној што стигна многу многу повисоко – на европскиот врв. И што се памети и после 15 години!

Кометал ЃП прослави јубилејни 15 години од оној историски 19 мај 2002 година кога стана шампион на Европа и на Македонија и ја донесе првата и се уште единствена европска титула. Трифун Костовски во Скопје одново го собра шампионскиот тим, овој пат да го прослават јубилејот.

Велат, убавите моменти не се забораваат никогаш. Така е и со Кометал ЃП. Клубот веќе го нема, но сите ги паметат „кометалки“ и победата и радоста и сите детали од оној дождлив 19 мај кога Македонија славеше европска титула. Како да не поминале 15 години…

А, токму тие 15 години и фактот што никој после тоа не успеа да го повтори успехот, најдобро говори колку вреди таа титула и колку тешко се стигнува до неа.

„Тогаш во „Кале“ немаше вода, ама мирисаше на титула“ – ќе рече Гордана Нацева.

Ќе замириса ли повторно на европска титула?

Можеби од јубилејот конечно, ќе „фати мајата“.

Се вчитува...