Пласманот на големите натпреварувања за македонските ракометари е веќе рутина
1.Таму зад Карпатите
Во бурата политички настани, временски неприлики и фудбалски мундијалски денови, некако неосетно брзо помина ракометниот бараж со Романија и пласманот на македонските ракометари на уште едно светско првенство, трето во серија , шесто вкупно.
Пласманите на големите ракометни натпреварувања за македонските ракометари во последниве години веќе станаа рутина. Некогаш бурно, другпат мирно, како сега со Романија, си го фативме редот.
Поголемиот дел од работата беше завршен уште во Скопје. Во Клуж требаше само да се завери пласманот на СП. И на оние +35, а можеби и нешто повеќе во малата сала, да не се стопи скопската залиха од осум гола предност. Рутински завршена работа, без премногу филозофија. На крај минималниот пораз, речиси небитен. Целта е остварена. Македонија се пласира на СП 2019 и неславно му ја запечати романската селекторска авантура на славниот Чави Пасквал.
Публиката, онаа најупорната и најдоследната што стигна и таму зад Карпатите, издржа препотена ама задоволна.
Раул Гонзалес, конечно можеше да здивне и опуштено со пиво да се врати на клупата и да и наздрави на уште една македонска сезона. Клупски последна, селекторски некаде на средина.
Ракометарите уморни, ама радосни со уште едно Светско во јануари. Претседателот на РФМ, вообичаено, заедно со нив. Како и секогаш! Цело е кога има се. А, кога секој ќе си го одработи својот дел, тогаш резултатот е загарантиран, а пласманите – рутина.
Сега само уште да ни се погоди групата, по можност со „Виз-ер“ конекција и тамам сме. Од јуни почнуваат плановите за јануари. Рутина, како секоја година.
2.Со кого, каде и до каде…
Чекајќи ја ждрепката за групите на СП 2019, нормално, се вртат математиките и се пребројува кој поминал, а кој „изгинал“ во баражот. На Гер/Дан Мундијалот во јануари ќе ги нема Вујо и Словенците. На СП 2017 во Франција направија сензација и стигнаа до бронзата. На ЕП 2018 во Хрватска кренаа „бура и олуја“. Сега Словенија остана за еден гол покуса во баражот со Унграија. Врањеш се спаси од судбината на Чави. Вујо ќе чека нова шанса за одмазда.
Ќе здивнат малку „официјалните лица“ во јануари, ама Вујо мајсторе си има безрезервна довербата во Словенија и пак ќе им се врати, кога-тогаш.
Во баржот за СП, изгореа и нашите пријатели Чесите во дуелот со Русија подготвена во Македонија на вардарски погон.
Во Гер/Дан ќе ја нема ни репрезентацијата на Црна Гора која веќе подолго време и „чури“ внатре.
Со тие што останаа, Македонија во јануари ќе си ја бара среќата и третата олимписка шанса за Токио. Ама, сега прво нека помине ждрепката, да видиме каде и со кого ќе се бие битката за нешто погоре од „успешното“ 15.место од претходно во Франција. Не ни е до тука, може и погоре со „ел команданте“.
3.Во Кожани на југ
А, во меѓувреме, ќе се подготвуваме за Грција. Не за одмори, туку за ракомет е муабетот.
Првото гостување за македонските ракометари во новиот квалификациски циклус ќе биде во Кожани на крајот на октомври. Блиску до граница, на југ од Битола, на север во Грција.
Далеку е октомври, уште не стивнал ни јуни, ама во целата ситауција викендов, ми текна дека ќе биде „жешко“ и во октомври. Можеби сепак, дотогаш ќе „олади“ малку ситуацијата, а и за разлика од оној другиот, во овој „спор“ со ракометен предзнак, се знае кој е фаворит и сигурно ќе биде решен многу брзо и ефикасно.
Рутински, да не речам.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА