Во надмоќта на Вардар и немоќта на Металург, Лино Червар на тајм-аутот „го повика“ и Исус напомош. Малку несреќно, многу невкусно…
1.Шампионот силен и сигурен
Вардар со убедлива победа тргна во одбрана на шампионската титула во СЕХА лигата. Во првиот официјален натпревар во новата сезона, вардарци беа надмоќни, против немоќниот Металург.
И во некомплетен состав и со Арпад Штербик 60 минути на клупа, „црвено-црните“ лесно го решија вечно подмладениот тим од Автокоманда. Од некогаш големото дерби овој пат немаше ни „Д“, освен можеби нешто малку во првите 5-6 минути од натпреварот. На почетокот на сезоната се уште е рано да се суди, но овој прв дуел на скопските ривали сепак, покажа дека јазот меѓу Вардар и Металург од година во година е се поголем. Разликата во квалитетот исто така.
Впрочем, Вардар е европски, регионален и македонски шампион и логично е да биде фаворитски супериорен. Дури и кога игра со „половина сили“. Од друга страна, Металург одново е во „експериментална реконструкција“ и во фаза на воигрување, сезонава „само“ со шест нови ракометари во составот. Тактика, стратегија, експеримент или „економија“, тие си знаат.
Убав ракомет нешто многу немаше во првото македонско дерби сезонава, но кога веќе се беше решено, барем шанса во финишот добија младите македонски ракометари, повеќето во составот на Металург. Колку-толку да го почувствуваат теренот.
2.Мотовација или вулгарна деградација?
За тајм-аут како оној на Лино Червар во десетата минута, кога Вардар почна „да гази“ секој друг тренер ќе беше помалку-или повеќе, распнат во јавноста. Но, кога е хрватскиот стратег во прашање, тоа е „негов стил“ и начин на мотивација и малку (не)педагошка комуникација со младите играчи. Сме слушнале многу „оригинални совети“ од трофејниот хрватски стратег во изминативе осум години, и на клупата на Металург и во онаа „блиц“ селекторска епизода на македонската клупа. Во свој стил Червар „ја отвори“ и новата сезона. Наместо тактика, овој пат „металурзи“ на првиот тајм-аут добија доза вулгарна „мотивација“.
Она „ватрено крстување“ на Филип Кузмановски во ЛШ кога на гостувањето во Украина пред две сезони, Червар „му се закани“ дека „ќе се враќа пешки во Скопје“, беше „смешна досетка“. Но, онаа саботна „пцовка“ на Червар кон ракометарите „ј…те Исус“ и „расфрлање“ со машки гениталии пред камерите на националната телевизија, не беше ни смешна, ни мотивациска. Напротив, беше вулгарна, потценувачка и деградирачка за играчите и револтирачка за јавноста и за гледачите. Колку и да е спортскиот речник „таков“, ова беше малку премногу дури и во бисерите на „маго од Автокоманда“. Нешто што баш и не му доликува на стратег со негово педигре.
Усул малку, господа, барем пред камерите…
3.Охрид заплива во Европа
Првиот септемвриски викенд им донесе европска радост на охриѓани. Во двата натпревари пред својата публика во „Билјанини извори“, Охрид со еден гол повеќе го мина холандскиот Волендам и обезбеди второ коло во ЕХФ Купот. За тренерот Горан Андоновски и за неговиот тим ова е голем чекор напред во историската деби сезона на Охрид на европската ракометна сцена и добра причина за охридска ракометна прослава.
Играле и други и победувале, и дома и во Европа. Ама поранешниот македонски репрезентативец сега во тренерска улога и неговите охриѓани, некако посебно знаеја да му се израдуваат на за нив историскиот успех што го направија минатата сезона и од секоја победа да извлечат уште поголема мотивација.
Ја заслужи и чесно и се израдува Охрид и на вчерашната минимална, ама за нив и тоа како вредна победа која им обезбедува продолжен престој во Европа.
Вистинско освежување на македонската ракометна сцена покрај веќе традиционалната „скопска доминација“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА