СЕДМЕРЕЦ: Вака-така, финале не ни бега!

Екипа

Македонија ќе има „свои“ на теренот и во двете полуфиналиња и во финалето на Ф4 во Келн…и, нормално, на трибините. За нас од два милиони, па и не е така мала работа

1.За кого ќе навиваме – за нашите!

Доаѓа викендот што со душа го чекаат сите оние на кои „40х20“ многу им значи во животот, што би рекот колегата Жика Богдановиќ. Завршница од Лигата на шампионите и ракометниот спектакл во Келн. Годинава, по осми пат.

Во овие најважни два дена во ракометна Европа, четите најдобри екипи се борат на крајот од сезоната да ја подигнат „металната рака со топка“. Пехарот што значи успех, слава и престиж.

Три „староседелци“ во Келн и еден дебитант. Македонскиот шампион Вардар прв пат ќе биде во големата четворка заедно со трофејната Барселона, ѕвездениот ПСЖ и моќниот Веспрем.

Македонија четири години го сонува токму овој момент. И ако досега за македонската ракометна публика Келн беше само убав ракометен спектакл, овој пат ќе биде посебен. Ме насмеа една случајна забелешка на еден од навивачите што се пакуваат за Келн – лани немаше за кого да навиваме, годинава не знаеме за кого побрзо.

Македонија ќе има „свои“ на теренот и во двете полуфиналиња и во финалето на Ф4 во Келн…и, нормално, на трибините. Во првото полуфинале на терен ќе бидат судиите Ѓорѓи Начевски и Славе Николов, Во второто полуфинале Вардар против Барселона со Кире Лазаров и Борко Ристовски. Како и да биде, ќе има за кого да навиваме и во големото финале во Келн.

За нас од два милиони, па и не е така мала работа.

2.Почит како што доликува

Кире Лазаров знае како е во Келн, бил четирипати досега, играл, видел освоил титула со Барселона. Ја знае капитенот и македонската публика и дипломатски ја разреши дилемата – прво поддршка за Вардар, а потоа за тој што ќе игра во финалето. Чиста работа!

„Нормално е дека македонската публика ќе го поддржи Вардар, тоа е македонски клуб и јас тоа целосно го прифаќам. Но, ако ние победиме во полуфиналето, се надевам дека Македонците, ќе не поддржат нас во финалето“ , рече Лазаров во интервјуто за ЕХФ.

За сите оние што го разбрале, а не го доразбрале, па недоразбрано тргнаа да напаѓаат…Малку повеќе почит за своите не е на одмет, без разлика во кој дрес се тие. Оти, многу лесно „плукаме“ по Кире, по Борко, по Филип, по Деки, по Сара…а малку почитуваме.

3. Не е до медалите…

Како се почитуваат играчите покажа деновиве Барселона со почитта што му ја оддаде на македонскиот капитен во неговиот последен настап за каталонскиот тим во „Блауграна“.

Покажаа и навивачите на словенечки Крим Меркатор, збогувајќи се од македонската репрезентативка, Мирјета Бајрамовска.

Делумно, покажа и женскиот Вардар простувајќи се од шесте ракометарки кои го одиграа последниот натпревар во „црвено-црниот“ дрес со прослава на новата шампионска титула.

Ова „делумно“ за Вардар е за младите македонски ракометарки што останаа „заборавени“ на тој завршен натпревар. Неколку ракометарки, сите македонски репрезентативки, на крајот од сезоната се „ослободени од обврските“ во вториот тим на Вардар, официјалниот македонски вицешампион. Или, народски кажано, репрезентативките „останаа на улица“, да се снаоѓаат која како знае и умее. На тој шампионски меч за првиот Вардар, ним никој не им честита, ниту пак ги испрати како што доликува.

Не е до медалите, до почитта е!

Се вчитува...