СЕДМЕРЕЦ: Вардар од Автокоманда

Екипа

Вардарци во „Блауграна“ беа како „металурзи“ во септември

1.Лош ден – втор дел

Целата доминација, супериорност, тактичка подготвеност и луцидност што беше одлика на Вардар на почетокот на сезоната, во саботата испари за 15 минути во култната „Блауграна“. За вардарци се уште „жалузграна“, дури и кога го нема веќе Жалуз.

Барселона два пати за седум дена го победи Вардар. На првиот меч во „Јане Сандански“ беше комплетно „лош ден“. Не одеше од почеток до крај.

Но, за несреќа , лошиот ден на „црвено-црните“ имаше втор дел и во „Блауграна“. Уште полош од првиот.

Да беше поразот како оној скопскиот можеби и полесно ќе го прежалевме. Силна Барса, добро скоцкана и со новите сили, искусен Чави, разбранет Гонзало… И сите тие работи, добри за добро оправдување по поразот. Но, во „Блауграна“ не беше толку до силната Барса колку што беше до паднат Вардар до непрепознатливост.

Одиграа вардарци во свој стил едно полувреме. Во второ како да излезе друг тим на терен. За осум минути Кевни Мелер го направија Тиери Омејер. За 15 минути постигнаа едвај три гола! Ни трага ни глас од оној Вардар што знаеше во второ да уфрли „во втора“ и да гази до крај. Наместо тоа, потонаа и вардарци во „црн период“.

Во Автокоманда ја викаат „црна дупка“.

Вардар во саботата беше токму како Металург во септември. Само што „металурзи“ беа млади, неискусни, преполовени и …неисплатени.

Вардарци се не се до толку млади, не се ни неискусни, речиси се комплетни… За неисплатени – не знам. Ама имаат три порази во последните пет натпревари во ЛШ и се подалеку е она „директ четвртфинале“.

И тоа не е на арно.

Ама арно е што после Барса потопот, следно за вардарци е гостувањето кај Мешков, како порачано за рехабилитација. Брест сепак, не е „Блауграна“. Се разбира, ако се пополнат „црните дупки“ или „периоди“, што и да се.

2.Металург падна на седмерец

Металург пак не победи, ама барем Данило Брестовац успеа да ги поплочи „црните дупки“ и да тргне во посакуваниот правец. Во дуелот со Бешикташ, „металурзи“ беа рамноправни, играа две полувремиња, како Вардар порано, и им недостасуваше малку повеќе среќа и само еден гол за еден бод.

Или барем еден погоден од сите пет промашени седмерци!

Како и да е, овој пат поразот не е трагичен, а натпреварот секако, резултатски небитен во финишот на европската сезона која и вака и така „отиде курбан“.

Останува да се одработат уште последните две кола во ЛШ, да се доредат коцките и да се намести нишанот за домашниот плеј-оф.

За догодина да биде друга песна од Автокоманда.

3.Битола презимува во Европа

Она што не им успева на ракометарите, им успеа на ракометарките на Пелистер. Битолскиот тим остана единствен да ја брани честа на македонскиот женски ракометет во европските купови. Колку и да е Малта ракометно егзотична дестинација, а Ла Сал полуаматерска екипа, сепак, „пелистерки“ си ја искористија шансата, чесно си ја завршија работата, си ги заслужија победите и си обезбедија европска пролет во осминафиналето на Челинџ Купот.

Битола напролет ќе гледа европски ракомет и во машкиот ЕХФ Куп, ако Еурофарм Работник на реваншот во Швајцарија ги завери битолските +10 со Берн со пласман во групната фаза.

„Фармацевтите“ имаа европско деби какво што посакуваа, иако само неколку дена пред тоа имаа допинг потрес во Бутел.

И што е најважно, битолските фраери со Швајцарците одиграа ептен фраерски. Значи, можело…

Се вчитува...