СЕДМЕРЕЦ: За иднината се работи

Екипа

Македонија веќе игра на картата на новата генерација

1.Подмладување во најава

Во очекување кого ќе одбере селекторот Раул Гонзалес на поширокиот, а потоа и на потесниот список за јануарското СП во Германија и во Данска и овој декември во воздух виси дилемата – да се направи рез или да се турка како досега, па што биде нека биде.

Дека нешто треба да се менува во најдобрата македонска репрезентација – веќе нема дилема. Особено по октомвриската „екскурзија“ во Кожани, јасно е дека промени ќе има или треба да има, и во составот, и во пристапот и во стратегијата.

Можеби веќе звучи како „расипана плоча“ секој декември дека сега е моментот да излеземе од настапот по инерција и да фрлиме поглед и кон иднината, а не само да фатиме втор круг, со една-две блескави победи и после два-три мачни порази, само да помине.

Најдобрата македонска репрезентација веќе неколку првенства наназад, што европски што светски, е една од најстарите и најуморните, што е и логично. Со искуство и квалитет, нема збор, но секоја година се постара и поистрошена. Тешко се решаваме да пресечеме и да ја нарушиме конфорната зона, па дури и кога очигледно не оди.

А, додека ние решиме да пресечеме, другите мерат, сечат и тераат напред. И ризикот, главно, им се исплатува.

Кај нас пак, е моли-коли да се собереме, никој да не замери за да не се растури атмосферата, ама секогаш нешто зашкрипува токму кога не треба, обично откако ќе го фатиме тој фамозен втор круг. Битно, Македонија е во еуфорија, па се друго брзо се заборава. До јуни или до следниот декември. И така секоја година.

И еве пак дојде јануари кога се брка место во олимписки квалифиакции. А, ние се уште се крстиме во Кире и го молиме Жути да стегне заби. Уште сега…Па и во април догодина ако, здравје Боже, стигнеме до уште едни квалификации.

Кога беше Рио, кога дојде Токио!

Ќе се подмладиме за Париз, има време. Тамам овие младиве дотогаш ќе бидат „искусни таленти“ – У29 накај 30!

2.До каде се амбициите?

Каква ќе биде Македонија во Минхен во јануари, ќе биде и тоа како битно од многу аспекти. Од една страна е целта „да се држи“ континуитет и „да се фатат“ олимписки квалификации, од друга страна да имаме репрезентација што ќе игра од почеток до крај, сигурна база, но и широк употреблив ростер и тим за иднина…Од трета страна селекторот и комплетната репрезентација, поради клупските обврски ќе се соберат комплет, таму некаде на 4-5 дена пред Нова Година и ќе имаат неполни десет дена да се подготват за настап на СП на кое не чекаат Шпанија, Исланд, Хрватска, па и Јапонија и Бахреин за почеток.

На октомврискиот собир на репрезенрацијата, пред дуелот со Грција беше посочено дека тој натпревар треба да го отвори патот за новата генерација. Но, тој пат кон ЕП 2020 остана „во реконструкција“, барем до март или до јуни кога ќе го заокружиме циклусот.

Во меѓувреме, селекторот Раул Гонзалес треба да го стокми тимот и стратегијата за СП. Во Минхен ќе добиеме одговор и до каде се селекторските амбиции на „ел команданте“ со македонската чета.

Официјално договорот е до Токио. А, и главниот предизвик за Шпанецот кога пред година и пол стана македонски селектор беше – да ја однесе Македонија на Олимпијада. Или, што би рекол Раул, точно и прецизно – „ќе се обидам“.

Раул Гонзалес, има капацитет и авторитет, а веројатно и момент да „брка резултат“ и со подмладен тим. Не целосно, се разбира, ама делумно, кај што е неопходно сигурно.

Ако одигра така, тогаш амбиците се до Токио и понатаму. Ако не, до Минхен, па после ќе видиме…

3.Во вистинска насока

Во деновите кога фокусот нормално е, на претстојниот настап на А тимот на СП, РФМ организира и силен меѓународен турнир за кадетите, на високо репрезентативно ниво. Во Македонија доаѓаат четири респектабилни репрезентации на таа возраст. Или што би рекол селекторот Данило Брестивац, да видиме реално до каде сме. Оти во август не чека Светското првенство (У19) на кое сме домаќини и кое дефинитивно е огромна шанса за новата генерација и голем влог за иднината на македонската репрезентација.

Она што е уште една голема придобивка и реализација на една поодамнешна заложба е создавањето на А и Б репрезентација и еден широк репрезентативен ростер.

База има, поддршка исто така, работите се поставени токму како што треба. Насочен поглед кон иднината, резултатите не би требало да изостанат…

Уште подобро ако патот остане трасиран од најдобрите.

Се вчитува...