„Кога еден клуб им верува на тренерите, доаѓа и резултатот“, напиша Давид Дејвис и им се пофали на Шпанците со првите места на вардарци во Лигата на шампионите…
1. Табели во „црвено-црно“
Вардар во победничко расположение ја чека ракометната пролет во Лигата на шампионите. И машкиот и женскиот шампион Вардар се супериорни на врвот на табелите во Лигата на шампионите на неколку кола пред завршницата во најелитното натпреварување. И како никогаш досега, блиску до големата цел – да стигнат на Ф4 и во Будимпешта и во Келн.
Вардарки имаат рекордни осум победи во серија во ЛШ, јасна стратегија и клучните играчи со нови договори за продолжена соработа и тешко дека некој сега може да им застане на патот кон четвртиот по ред настап на Ф4 турнирот во Будимпешта.
Вардарци две години по ред беа блиску, а на крај сепак, далеку од големиот спектакл во Келн, резервиран за најдобрите четири екипи во Европа. Но, годинава некако се поклопуваат коцките и на три кола пред крај на групната фаза, Ф4 изгледа и реално и достижно за „црвено-црните“. Им се погодија и победите и распоредот…и Арпад Штербик, па, ако сакате, и „киксовите“ на ривалите.
Гостувањето и победата против Пик Сегед беа токму тој тест ќе се биде или не. И го решија со победа. До крај на групната фаза им останува уште едно гостување кај Мешков Брест и во полесниот дел, две домашни средби со Целје и со Кристијанштад. Ако се оди победнички по планот, Вардар ќе го задржи првото место во групата и привилегираната позиција да игра директно во четвртфиналето од ЛШ и да ги избегне „најтешките“ противници на последната препрека пред Ф4.
Само, да не ги фати „црвено-црните“ она, балканското „сега е лесна работа“! Се надеваме, нема.
Влогот е преголем за да се испушти лесно од раце.
2. Има со што да се пофали…
Велат искуството, трпението и континуитетот си го прават своето.
И вербата и довербата.
„Кога еден клуб им верува на тренерите, доаѓа и резултатот“, напиша Давид Дејвис, гордо покажувајќи им ги на своите шпански пријатели табелите од ЛШ и СЕХА и лидерските позиции на Вардар.
„Летечкиот Шпанец“ ја заслужува и ја оправдува довербата. „Ферари-то“ на Дејвис нема пораз откако тој го презеде „воланот“. Знае што сака и вози на сигурно, а вардарки „држат правец“ дури и кога не играат најдобро!
А, кога не се поклопуваат термините, како неделава, Дејвис стигнува и на својата „втора работа“ како помошник на Раул Гонзалес на клупата на машкиот Вардар. И сето тоа добро функционира.
Добро е кога клубот има доверба во тренерите. Уште подобро е кога тренерите ќе ја заслужат довербата. И не отстапуват од зацртаниот курс.
Без многу драми и „галами“.
3. Трансфер бомбите
Кире Лазаров од Барселона се сели во францускиот Нант, Филип Миркуловски не доаѓа во Металург туку останува “тивок лидер“ во Вецлар…Дејан Манасков дресот на Рајн Некар Левен најверојатно ќе го замени со оној на Веспрем.
Првите два договори се официјални, третиот е се уште во рангот на оние „трансфер шпекулации“. Сите три заедно беа „бомбите“ за кои се зборуваше деновивe.
Јавноста е поделена. На оние што се повеќе за Барса, не им е право што македонскиот капитен си заминува од „клубот што е повеќе од клуб“. На тие што чекаат да се врати во Македонија, исто така.
Но, Французите го пречекуваат „кралски“. Го бараше и Обрван во Шамбери и Анти во Нант. На крај, Лазаров го одбра Нант, а во Нант воодушевени од транферот, најдобриот стрелец од СП, го претставија како „ракометниот Меси“. Франција дефинитивно, ќе биде ново искуство за Лазаров кој сигурно ќе има што да каже и во земјата на ракометните „експерти“.
„Рано е за враќање дома“ – порача Миркуловски по продолжувањето на договорот со германскиот Вецлар.
Многумина веќе го вратија „Жути“ во Металург и кроеја планови за идната сезона. Велат, имало големи ветувања.
Ама, Германија си е Германија. А, што е сигурни, сигурно е.
Во Металург пак, после Иранецот на лев бек, доаѓа уште еден Србин на десен. Како засилување за „македонскиот проект“ пред суперлигашкиот плејоф.
Се е до вербата и довербата…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА