СЕДМЕРЕЦ: Засилување за сите пари!

Екипа

На вардарци „им падна“ топката за победа, „металурзи“ прокоцкаа девет, па спасија еден…малку недостасуваше и вардарки да направат од готово вересија, ама ја имаа Драгана Цвијиќ

1.Опасен старт

Вардарки засилени со Драгана Цвијиќ,  со стил ја отворија новта сезона во Лигата на шампионите . Засилување за сите пари, што би рекле старите. Шеесет минути во два правци, столб во одбраната и седум од седум во нападот. Оди па најди маана!

За Цвијиќ пак, деби во ЛШ пред скопската публика какво што можеше само да посака. Перфектна игра и стартна победа во новата сезона. Унгарскиот ФТЦ остана немоќно затекнат пред налетот на вардарки. За разлика од лани кога во иста фаза на исто место им зеде бод и предизвика „потреси“ во „црвено-црниот“ табор.

Не дека во женскиот Вардар и сега не менуваа. Менуваа, ама барем со време, „претсезонски“ гo сторија редот. Годинава „паричката“  му падна на Аце Станковски кој непосредно пред почетокот на сезоната доби „прекоманда“ од првиот состав на женскиот во вториот тим на машкиот Вардар.

На клупата останува Ирина Дибирова во тандем со Роберто Парондо. Шпанецот на првиот меч ја доби „тајмаутската“ улога, да вежба македонски. А, според она колку (не) го слушаа кога почна да се топи „досдигитос-от“ , ништо чудно и нему набрзо да му преседне  „Ферарито“.

2.„Иде, иде, па стане…“

Ви текнува кога Лино Червар на она претходно гостување на Металург во Украина пред две-три години, ќе го враќаше Филип Кузмановски пеш во Скопје кога овој „утна“ некоја таму во Запорожје. Вчера требаше и Александар Јовиќ „да ги испрати пеш“ кога почнаа на „металурзи“ да има паѓаат топките од раце.

А, во прво беше баш „леле што правиме“ за Металург. Гледаш и просто да не ти се верува како „летаат“ малите од Автокоманда по терен.

За „верувале или не“ беа и оние +9 за „сините“ на среде Украина.

И без Червар и без Кузмановски овој пат. Капитенот повреден остана во Скопје, тренерот зафатен со „изборничките работи“,  летна во Загреб.

А, Јовиќ и „металурзи“ го фатија патот за Украина. И не се изгубија пред фаворитот. Напротив. Одиграа како да им се се „под конец“, а не „врвка работата“. Штета што не издржаа до крај, да покажат дека можат и вака. И што од готова работа, на крај останаа со бод „на вересија“.

3.Дибиров….и не е гол

Вардарци и со шампионски предзнак, повторно имаа „жешко“ гостување во Сегед. Малку недосатсуваше да изгорат, а еден гол ги делеше од победа. Да не му паднеше топката на Дибиров, „црвено-црните“ ќе славеа уште една победа во рекордната низа.

Супериорноста на Вардар „испари“ во Сегед. По трите „ганц“ победи, логично беше и шампионот да се опушти и да попушти, кога-тогаш. Само што капетан Раул ќе мора брзо да ја врати четатат во строј оти веќе во сабота ги чека големиот предизвик. Во Скопје доаѓа Барселона.

„Темпирано“ гостување, за да може Борко да гласа на локални. Не за друго.

Се вчитува...