СЕДМЕРЕЦ: Зграби ја шансата!

Екипа

Во Металург „виси семафорот“ со нов пораз, Вардар доминира исто како лани… И се воведува „женска рака“ во машкиот ракомет, за промена

1.Како да се издржи 60 минути?

И по седмиот официјален натпревар сезонава, што во  Супер Купот, што во СЕХА и ЛШ, Металург се уште чека „прва радост“. Чека и публиката, онаа малубројната, што остана верна на трибините во „Борис Трајковски“.

Чека и Данило Брестовац и замолува за поддршка и за трпение, додека пораснат „запчињата“… и децата.  Па да можат да одиграат 60 минути, а не само 30 минути.

„Металурзи“ и против Бешикташ покажаа дека имаат потенцијал. Ама само за едно полувреме. Второто веќе беше мачење, исто како и претходното со Спортинг во ЛШ.

И она со Нексе. И она со Извиѓач во СЕХА…

Факт е дека за секој „нов проект“ треба време. Факт е дека на младите играчи им треба искуство. Факт е и дека Металург е во „специфична ситуација“… Впрочем, како и во претходните 4-5 години…

Ама, факт е и дека треба резултат. И, не мора секогаш, ама барем понекогаш, да светне победа на оној новиот висечки семафор во „Борис“. Инаку, ќе извиси шансата.

А, таа еднаш доаѓа да вадиш „млечни заби“ во Лигата на шампионите.  Вториот пат веќе мора да „загризеш“.

2. Перфектен старт на вардарци

Впрочем, како што загриза со „млечните“ Дејан Милосављев во Вардар. И тој има само 22 години и нов е во големото друштво во ЛШ. И Вардар е во некоја „специфична ситуација“, а Милосављев речиси сам на голот, само со кадетот Кизиќ во резерва.

Ама, српскиот голман загриза здраво и ја зграби шансата. Не со две, туку со четири!

Ја зграби и Роберото Парондо на клупата. Со проверената шпанска тактика, научи се што требаше од Раул и успеа да ја задржи играта и стабилноста на „вардарци“. И има старт исто како во шампионските денови. Некои не веруваа, некои се сомневаа, некои ги откажаа „сезонските“, па трибините остана полупразни  на домашната промоција на Вардар во новата ЛШ сезона.

Но, вардарци и Парондо си ја тераат работата и бркаат шанса за перфектни три од три, следниот викенд во Веспрем.

3.„Женска рака“ во машкиот ракомет

Според односот на силите Вардар и Металург можеби и не се веќе споредливи категории за „второ полувреме“, но изминатава седмица случајно ги поврза еден необичен потег. Не верувам дека двата македонски клуба седнале и расправале за „родова рамноправност“, ама се погоди некако во исто време да воведат „женска рака“ во машкиот ракомет.

Во Автокоманда, Зорица Молковска Блажевска доби претседателска доверба, а Металург во „специфична ситуација“ стана прв и единствен клуб во ЛШ и во СЕХА што има жена на челната позиција.

Прв и единствен по „женските прашања“ во машката ЛШ, стана и Вардар со назначувањето на Билјана Црвенкоска за помошник тренер на Парондо.

Така Вардар и Металург деновиве заедно влегоа во историјата на ЛШ. Дали ова ќе бидат привремени или подолгорочни решенија ќе зависи од резултатите и од плановите. Битно, во машкиот ракометот се отвори нова страница.

Инаку, со женско лоби ретко има промашување. Можеби е малку феминистички, ама верувам дека тука нема демант!

Се вчитува...