Блокотехна експресно ја финишираше потрагата по нов кошаркар, потпишувајќи договор со Американецот Седрик Боувен. Со заминувањето на Дујковиќ и на Гоцевски се отвори простор за доведување на нов играч на позициите „четири“ и „пет“, а од неколкуте опции тренерот Илиевски и раководството на клубот го избраа токму 25-годишниот Боувен.
Иако станува збор за играч висок 198 сантиметри, Боувен важи за голем борец кој добро се снаоѓа во битките под обрачите, позиција на која ќе биде користен и во амбициозниот состав од Гевгелија. Тој претходно има настапувано во исландскиот шампионат, а сезонава ја почна во дресот на бугарскиот прволигаш Спартак Плевен. Во дресот на овој клуб Американецот стигна до просек од 13,6 поени и 5,4 скокови по натпревар.
Боувен, кој во текот на денешниот ден ќе пристигне во Гевгелија, ќе биде резервна варијанта во ситуација кога Илиевски е презадоволен од Казарновски и Мијатовиќ како стартери.
Блокотехна е најпријатно изненадување во македонскиот шампионат сезонава, бележејќи девет победи и два порази во домашното првенство. Воедно, одличниот тим од Гевгелија се наоѓа и на врвот на табелата во БИБЛ-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА