Сега е и официјално: Дубаи стана дел од АБА-лигата

АБА-лигата е подготвена за ширење со клуб од Дубаи, информациите кои беа најавени уште пред повеќе од еден месец денеска добија и официјална потврда од страна на првиот човек на АБА, Милија Војиновиќ.

Младинскиот тим на Дубаи веќе во наредниот период ќе учествува на АБА турнирот за кошаркари до 19 години, оваа екипа предводена од грчкиот тренер Петрос Красопулос веќе извесно време тренира на Златибор, а Војиновиќ најавува дека тоа е само прв чекор од соработката на двете страни.

„Пред се, морам да кажам дека ми е многу мило што на претстојниот јуниорски АБА-тирнир што ќе се одржи од вторник од четврток ќе се соберат 14 екипи од целиот регион, плус Дубаи. Со претставниците на клубот од Дубаи контактиравме подолго време, беа водени разговори за најразлични начини на соработка и секако дека ова е само прв, почетен чекор. Плодот на разговорите придонесе од страна на клубовите сопственици на АБА на тимот од Дубаи да му се додели специјална вајлд-карта што тој веднаш ја прифати и веќе и практично стана наш партнер и дел од регионалната кошарка. Ова е само прв чекор од меѓусебната соработка и сите сакаме таа да се крене на едно повисоко ниво, не би ја исклучил можноста веќе следната сезона првиот тим на Дубаи да се натпреварува во АБА1“, изјави првиот човек на регионалното натпреварување.

Бројни кошаркарски аналитичари минатиот месец го најавија овој сериозен проект како сигурен учесник во АБА1, кој потоа ќе аплицира и за место во Евролигата. Како тренер на новосоздадениот мега-проект е најавуван актуелниот српски селектор Светислав Пешиќ.

Се вчитува...