Баерн Минхен попладнево ја официјализираше „бомбата“ што експлодираше во фудбалска Европа синоќа, заминувањето на тренерот Јулијан Нагелсман и ангажманот на Томас Тухел за нов шеф на стручниот штаб на баварскиот гигант.
Нагелсман ја плати цената поради слабите игри во последно време и губењето на лидерското место во Бундес-лигата од Борусија Дортмунд, по што експресно беше постигнат договор со Тухел, кој би требало да остане на „Алијанц Арена“ до јуни 2025 година.
„Кога го потпишавме Нагелсман во 2021 година, бевме убедени дека сме дел од еден долгорочен проект, бидејќи Јулијан ги делеше нашите желби за играње на атрактивен напаѓачки фудбал. Сепак, останува фактот дека и покрај освоената титула во Бундес-лигата минатата сезона, ние се поретко и поретко игравме убав фудбал. Големите осцилации во формата придонесоа да почнеме да се сомневаме во остварувањето на нашите цели за сезонава, но и долгорочно гледано, поради што моравме да реагираме и да извршиме тренерска мена. Во мое лично име и во името на целокупната управа на Баерн, му благодарам на Нагелсман за сработеното во овој период“, изјави претседателот на Баерн Минхен, Оливер Кан.
Тухел доаѓа на „Алијанц Арена“ половина година откако беше отпуштен од Челси. За Германецот ова претставува камбек во Бундес-лигата, каде претходно ги водеше екипите на Мајнц и на Борусија Дортмунд.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

