Од денеска веќе е и официјално, Дубаи во сезоната 2024/2025 ќе биде дел од АБА-лигата со што ова регионално натпреварување ќе се пресели и на азискиот континент.
АБА-лигашите минатата седмица ја одложија одлуката на оваа тема, во меѓувреме челниците на проектот од Дубаи ја зголемија понудата, по што денеска беше изгласано зелено светло за овој проект да влезе во АБА1. За овој предлог гласаа девет од единаесетте клубови со право на глас, само Партизан беше против, додека Будуќност немаше свој претставник на овој состанок.
Раководството на Дубаи планира да стартува супер-богат кошаркарски проект, се најавува огромен буџет за тимот кој во следната сезона ќе игра и во Еврокупот, а начелно е договорен од 2025/26 да стане дел и од Евролигата.
Во меѓувреме, останува да се види дали АБА-лигашите од наредната сезона ќе гостуваат во Дубаи или пак овој клуб ќе ги игра своите домашни натпревари во Белград, нешто што беше најавувано уште пред два месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА